Македонија гласаше воздржано за резолуцијата на ОН за итно хуманитарно примирје во Газа

Македонија гласаше воздржано за резолуцијата на ОН за итно хуманитарно примирје во Газа

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во појасот Газа, но Македонија беше воздржана. Резолуцијата која беше предлог на Јордан, е усвоена со 120 гласа „за“ , со 14 “против“ и со 45 „воздржани“. Македонија беше меѓу земјите кои се воздржаа за резолуција со која се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, како и терористичките и неселективни напади, а исто така се повикува на непречена помош и заштита на цивилите.

Претставник на Македонија во Обединетите нации е професорот по право и поранешен министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски. Амбасадорот за својата работа одговара директно пред министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој треба да објасни зошто нашата земја одлучи да биде воздржана за резолуција со која се поддржува хуманитарно примирје и испраќање на итна помош за Газа.

„Фрчкоски да објасни зошто гласаше Македонија да биде воздржана за мир“, „Македонскиот народ е за мир“, „Ако власта е за војна и убивање нека одат таму“, се дел од реакциите на гневни граѓани на социјалните мрежи по одлуката на Македонија.

Одлуката на Македонија во Њујорк е спротивна на она што го најави премиерот Димитар Ковачевски во својата честитка за 24 октомври – Меѓународниот Ден на Обединетите нации.

Ковачевски во честитката порачува решавањето на конфликтите без насилство, хуманоста, заедништвото и сплотеноста, вредности врз коишто почива ООН, нека се водилка за обезбедување мир во светот и благосостојба на сите народи.

-Концептот на негување на заложбите за почитување на човековите права, борбата против тероризмот, климатските промени, одржливиот економски развој и обезбедувањето на светскиот мир и безбедност веќе 78 години е активен на меѓународната сцена. Патот на мирот и безбедната иднина е единствениот правилен избор во овие моменти кога човештвото е исправено пред бројни предизвици, напиша премиерот Ковачевски.

Одлуките на Генералното собрание не се правно обврзувачки, но имаат морална тежина. Од нашиот регион, Словенија, БиХ и Црна Гора гласаа за резолуцијата, Хрватска беше против, додека Србија, Албанија, Македонија, Бугарија и Грција биле воздржани. Од земјите членки на Европската унија воздражано гласале и Германија, Италија, Холандија. Против оваа резолуција од Европа гласаа Австрија, Чешка, Хрватска и Унгарија.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста