По Преспанскиот договор по илјада евра месечно за членовите на комисијата за историска ревизија – што работат било државна тајна

По Преспанскиот договор по илјада евра месечно за членовите на комисијата за историска ревизија – што работат било државна тајна

61 илјада и 500 денари, односно 1000 евра секој месец, повеќе од 60 месеци, легнуваат на сметките на преговарачкиот тим со Грција. Што работат, како работат и дали воопшто работат било класифицирана информација. Комисијата во која членуваат Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска, Фахри Рамадани и Кица Колбе, предводени од дипломатот Виктор Габер, од 2018 досега, од државниот буџет извлекле скоро половина милион евра, покажува истражувањето на ТВ Алфа. Во барањето за пристап до информации од јавен карактер, од МНР одлучија да ги скријат најголем дел од податоците, велат, биле класифицирани.

  • Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Грција, редовно се состанува (на месечна основа) и изготвува интерни извештаи кои ги доставува до МНР и кои се класифицирани“. – Велат од Министерство за надворешни работи за Алфа.

Иако МНР на Османи не сака да открие детали, во системот на „Отворени финансии„ достапен на јавноста, може да се забележат редовни месечи исплати од по илјада евра за секој од членовите на ова тело. Според пресметките, секој член за овој период од нешто над 5 години заработил околу 62 илјади евра. Но, ова им се само дополнителни приходи од државната каса. Дел од нив се професори на факултет, дел се вработени во МНР, а дел имаат и приватни ангажмани.

Комисијата за преговори со соседна Грција е формирана согласно член 8, став 5 од преспанскиот договор, со кој Македонија стана „Северна“, спротивно на волјата на граѓаните и референдумот. Нивната задача е слична на онаа со историската комисија со Бугарија – треба да направат ревизија на македонската историја согласно барањата на Грција. Да предлагаат менување на учебници, табли на споменици, карти, историски атласи и слично. Во суштина, задачата на оваа комисија е да ја престави античката македонска историја како хеленистичка.

За разлика од комисијата за преговори со Бугарија, чии средби колку толку и се познати на јавноста, комисијата со Грција е обвиена во тајност, па не се знае што и дали нешто договориле. Во моментов, разговорите со Бугарија се заглавени после договорот за Самоил, а во однос на Грција последна информација беше менувањето на таблите на споменици во центарот на Скопје, каде беше додадено дека тие се дел од хеленистичката култура.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста