Почна грејната сезона, ама половина Скопје се разбуди со ладни радијатори

Почна грејната сезона, ама половина Скопје се разбуди со ладни радијатори

Половина Скопје изутрината се разбуди во студ. Грејната сезона почна, ама топлината не стигна во сите домови. Надлежните од „ЕСМ“ снабдување со топлина даваат објаснување за некаков дефект односно губење на вода од дистрибутивната мрежа, ама за дел од Кисела Вода. Проблем нема само таму, туку и во Аеродром, Автокоманда.

Срамота е во 21 век да плаќаме, а да не добиваме парно греење. Цела година не „одраа“ од земање пари, за на крај радијаторите да останат студени. Вакви се реакциите на граѓаните од скопска Автокоманда, кои видно вознемирени реагираат оти не можат да си ги затоплат домовите. Иако грејната сезона почна, тоа не важи за сите граѓани. Пола Скопје утрово се разбуди со студени радијатори.

  • Немае парно. Точка. Нема греење, испомрзнавме и од сабајле, и на вечер, а плаќаме. Кај го има ова? Приваивме, али бадијала. Ова нее фер, да плаќаш цела година, а да не добиеш тоа што ти следува дека стварно не чини, нее фер, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Алфа направи обиколка во повеќе згради и посети неколку домови, а граѓаните кои се надеваа на топли утра, се разбудија во студ. Радијаторите останаа студени во добар дел од становите.

За да се реши проблемот, од „ЕСМ“ снабдување со топлина апелираат до потрошувачите и куќните совети да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат довод на струја и непречен пристап на екипите до топлинските станици. Конкретно за Кисела Вода, имало дефект, односно губење на вода од дистрибутивната мрежа.

  • За да може испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено во објектите на потрошувачите, потребно е куќните совети на колективните станбени објекти да овозможат непречен пристап на екипите на операторот на дистрибутивната мрежа во топлинските станица, да се обезбеди напојувањето на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за струја) и да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, велат од „ЕСМ“.

Согласно Законот за домување, одржувањето на внатрешната грејна инсталација е одговорност  на потрошувачите, додаваат од „ЕСМ“. Велат, бројот на објекти кои ги немале исполнето условите за непречена испорака на топлинска енергија пред почетокот на грејната сезона се намалува, со нивно санирање, но истовремено во првите денови од почетокот на греењето се појавуваат нови пријави, на кои екипите работат непрекинато. Уште еднаш упатуваме апел до потрошувачите и куќните совети да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат довод на електрична енергија и непречен пристап на нашите екипи до топлинските станици во нивните објектите, велат од „ЕСМ“.

Ама ова не е одговор на состојбата оти освен во Кисела Вода проблеми има и во  Автокоманда, во Маџари, Аеродром. Граѓаните реагираат оти домовите ги догреваат со клими или греалки, а тоа значи повисоки сметки за струја, во целата немаштија.

И додека граѓаните се во грч дали наскоро ќе добијат нови повисоки сметки за парно, на терен, околу опожарениот мост „Беласица“ нема никакви активности. Граѓаните, барем за сега, ќе плаќаат парно по иста цена.

Сепак, според регулаторот, одлуката за корекција ќе се донесе откако ќе се постават топловодните цевки на мостот „Беласица“.

Градско парно користат околу 63.000 домаќинства, најмногу приклучени има на ЕСМ, додека најмалку на топланата „Скопје-Север“.Грејната сезона ќе трае до 15 април.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )