ДУИ продолжува со заканите – навреди за Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ
Споделувајќи вест во која пишува дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на митинг зборувала за војната во 2001, министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби ја нападна дека била неодговорен политичар. Тој во статус на социјалните мрежи повика сите да гласаат за Европскиот фронт, и да ги спречеле интригите кои правеле поделби.
„Ова го носат неодговорните политичари. Затоа, гласот на целиот албански народ, вклучително и оние кои гласаа за опозицијата, и заедниците, мора да се построи зад Али Ахмети и Европскиот фронт за ВМРО да нема никаква шанса да си игра со судбината на Албанците. ОВК, другите заедници, медиумите, граѓанското општество, администрацијата и земјата. Вашиот глас за Европскиот фронт го блокира ВМРО и го запира нејзиниот моментум. Ајде да ги спречиме овие пакосни работи кои предизвикуваат поделби, сите гласот да го дадат на Али Ахмети – Европскиот фронт со 30 пратеници, па потоа да видиме како ќе се однесуваат“, напиша Груби.
Претходно и Али Ахмети со заканувачки тон и порача на Силјановска Давкова „да внимава што зборува околу војната во 2001“.
Тој вели дека старите рани не треба да се користат за изборни кампањи.
„Треба сите страни да бидеме свесни и внимателни во овој правец. Јас неколку пати сум кажал минатото е болно, минатото не треба да се заборави, но не треба да ни се повтори. Така што, секој треба да биде внимателен со изјавите, ова е еден настан, една војна што се случи отприлика пред четвртина век…Според кандидатката за претседател и како професорка по меѓународно право ОНА треба да одговара затоа што ја извојувале слободата, борците на ОНА беа борци за слобода, а не платеници и дезертери, се изборија за своите права, потпишаа Меѓународен договор со НАТО, со ЕУ, со САД, потпишан и од тогашниот претседател Борис Трајковски и од мене како главен командант на ОНА. Ова е тоа, и секој кој се обидува да гребе по минатото и да отвора страници што не се отвораат мислам дека е во грешка, но сепак е сето ова за изборна кампања“, порача Ахмети.
Али Ахмети претходно од срцето на Скопје, на партиски митинг во рамки на кампањата, заедно со своите поддржувачи скандираше „УЧК“.
Напади на адреса на ВМРО-ДПМНЕ стигнаа и од Бујар Османи, кој го обвини Христијан Мицкоски дека имал шовинистичка кампања и се однесувала на „враќање на државата во рацете на Македонците“ бидејќи гласела „Македонија повторно твоја“.
Претходно Мицкоски повика на седржавно обединување и подаде рака на „сите етнички заедници кои сакаат да придонесат за промени“.