Во Прилеп пригодно одбележани 30 години од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески

Во Прилеп пригодно одбележани 30 години од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески

Во време на отворени и жестоки оспорувања, па дури и целосно негирање на засебното постоење на македонскиот јазик, наша заветна и задолжителна обврска е со сите средства да се бориме против тие напади, зашто јазикот е нашата таковина и мораме да го чуваме. Ова, меѓудругото, беше истакнато на денешното чествување по повод 30-годишнината од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик, великанот Блаже Конески.
„Блаже Конески во 1948 година ја издал книгата по повод најновиот напад на нашиот јазик. Тоа покажува дека јазикот наш бил напаѓан уште тогаш. Во 2021 година, по повод 100 години од неговото раѓање, таа книга, Фондацијата „Небрегово“ намерно ја реиздаде за да докажеме дека македонскиот јазик и денеска се напаѓа, но ние ќе си продолжиме по нашиот пат да си го браниме, исто како што тоа го правел и Блаже Конески“, – рече Лилјана Неделкоска од НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп.
Силината, светлината и значењето на делото на Блаже Конески, не само што треба да се зачуваат, туку треба и да се надоградуваат со интензивно пренесување на новите генерации, но и на светот, посочува Неделкоска.
„Имаме ние Декларација каде што Спомен-домот е ставен на туристичката мапа на РМ. Исто така, имаме и Декларација каде што сите училишта треба да ја стават во Програмата како редовна посета на учениците, како што тоа се случува, на пример во Германија, секој ученик треба да го посети споменикот на Гете, кој што го создал германскиот јазик“, – вели Неделкоска.
Како научник-славист, Конески ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во Комисијата за азбука, во составувањето на првиот Правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, но и Историјата на македонскиот јазик, а е еден и од составувачите и главен редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик. Родната куќа на Конески во селото Небрегово, од 1-ви август 2005-та година е прогласена за македонски Споменик на културата.
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 во прилепско Небрегово, а почина на 7 декември 1993 во Скопје. Зад себе остави огромен научен и литературен опус.
Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста