„РСЕ“: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија

„РСЕ“: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија

Фразата годините се само бројка е употреблива и во бизнисот. Таков е примерот на 19 годишниот кумановец кој од неодамна е и млад претприемач. Фљамур Невзатовски ќе набавува апарати за коцкање за Државната лотарија. Неговата компанија „АП Солутионс“ добила тендер вреден 204.825 евра.

Во анализата на Радио Слободна Европа се вели дека од основањето во јануари 2018 година до пред шест месеци фирмата била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с. Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата. Променето е и седиштето на компанијата од селото Лојане, Липковско во скопски Аеродром.

Во старата фирма сопственик и управител бил Фатбард Дестани. На 19 април 2023 година, со промената на името и адресата на компанијата, Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски. Веќе од 25 април, Невзатовски станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“.

  • Она што остава простор за сомнеж е моменталниот работен ангажман на 19 годишниот Невзатовски. Според информациите до кои дојде РСЕ, а се потврдија и преку податоците на Фејсбук профилот на Невзатовски – тој е вработен во „Ритрон копи“, компанијата која била единствената конкуренција на неговата „АП Солутионс“ во борбата за тендерот на Државна лотарија вреден 204.825 евра.

Ова е само последен во низата сомнежи за сериозен криминал во Државната лотарија која претходно склучи договор за закуп на објект во скопско визбегово за месечна кирија од фантастични 22 илјади евра и тоа за период од 10 години со фирма која низ годините се поврзува со семејството на првиот вицепремиер Артан Груби.

Истражувањето на РСЕ објавено пред еден месец покажа дека промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста