Афера „ваучер системи“ – Каевски влезе во кругот функционери на СДСМ со финансиски скандали
Не остана речиси ниту еден функционер од социјал-демократите кои во изминативе седум години не се обележи со скандал. Од вчера на таа листа е и партискиот портпарол Дарко Каевски кого обвинителството го товари за злоупотреба на службената положба во времето додека беше директор на Агенцијата за млади и спорт.
Обвинителката Лидија Раичевиќ ќе ги гони и Наумче Мојсоски, актуелен директор, но и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски. Антикорупционерите уште лани во февруари алармираа дека нешто во работата на државната агенција „не штима“. Тогаш Антикорупциска посочи дека Централната комисија без отчет доделува ваучери во вредност од милијарда денари годишни по разни основи без никаква отчетност како се трошат овие пари.
- „Постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет, од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, изјави членот на ДКС, Владимир Георгиев на 03.02.2023 година.
Освен кривично гонење, од Владата беше побарано да го разреши Мојсоски, поради сомнежи за злоупотреби на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови, а тој пак најави тужба против ДКСК.
Обвинителниот предлог кој е доставен до Кривичен, од каде и се чека решение дали ќе бидат прифатени мерките за претпазливост, опфаќа вкупно 12 осомничени. Каевски, Мојсоски и Димевски отфрлаат секаква вина и за нив било тендензиозно постапувањето на Обвинителството.
- „1. Ниту сум можел ниту сум влијаел, ниту сум поттикнувал било кој од Централната Комисија. Особено што е именувана од друг орган надлежен по Закон, на владина седница. Дополнително сите членови во своите изјави кажале дека не сум присуствувал на работа на комисијата ниту сум давал сугестии. Се е јасно.
- 2. Во делот на надзорот според тогашниот закон за спорт член 14е, извештајот се доставува до следната календарска година од добиените ваучери најдоцна до 15ти јуни или во конкретниот случај тоа е до 15.06.2021 година, период во кој што јас не сум директор на АМС“ , пишува Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.
- „Ги сметам за тенденциозни “мистериозно” протечените информации во јавноста, очигледен е и тајмингот и намерата. Очекувам транспарентна постапка во која моите тврдења целосно ќе се потврдат, а ќе докажат дека токму оваа хајка во јавноста против мене е само алатка за заплашување пред вториот круг претседателски и парламентарни избори“ вели Наумче Мојсоски – директор на АМС.
- „Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации“, пишува претседателот на МОК, Даниел Димевски.
Ваучерите кои почнаа да се доделуваат во 2018 година за финансирање на спортот се најавуваа како систем токму за заштита од финансиски малверзации.