Парното поскапува за близу 5% – сметките од 1.800 ќе пораснат за 80 денари

Парното поскапува за близу 5% – сметките од 1.800 ќе пораснат за 80 денари

Парното поскапува за близу 5%,. претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски „ги израдува скопјани“. Според него, на сметка од 1.000 денари, ќе има зголемување за 45 денари, или на просечна сметка од близу 2.000 денари поскапувањето би било од 80 до 100 денари.

Регулаторот, одлуката за поскапувањето ја оправда со, како што рече, високите трошоци за природен гас во првите три месеци од годината, но и поради што се враќа дел од позајмицата што Владата ја има дадено.

  • „Оваа одлука не ја носевме се додека не добивме цврсто уверување дека ќе почне поставувањето на цевководот на мостот ’Беласица’. Што тоа значи во пракса? Цената на топлината која ја утврдивме и за ТЕ-ТО со оваа одлука е за повеќе од два пати пониска отколку што е цената на топланите во Град Скопје. Дополнително, преточено во сметка ако не би постоело ТЕ-ТО зголемувањето би било околу 60 отсто. Поради тоа инсистиравме што е можно повеќе да ја искористиме придобивката од ТЕ-ТО имајќи во предвид дека оваа топлинска енергија е повеќе од два пати поевтина отколку цената на топланите“,рече Бислимоски.

Во однос на двата преостанати системи, за популарното „железарско греење“, кое го прави „ЕСМ енергетика“, Бислимоски рече дека цената е незначително намалена, а пониска цена ќе има и кај греењето во Скопје-Север.

На прашањето што ако таксата од Бугарија за природниот гас остане и дали тоа ќе направи проблем, Регулаторот рече дека цената за увоз на природен гас е вообичаена и така налагала берзата. И покрај таксата за руски гас, до крајот на грејната сезона цената ќе остане иста.

  • Исто така, при пресметката на факторот на корекција кај ’ЕСМ дистрибуција’, за да не предизвикуваме понатамошен ценовен шок, признаваме само 20 отсто од тој фактор на корекција. Во услови кога ќе имаме понатамошна стабилизација со цените на природниот гас, сите овие пари повторно ќе се вратат назад кај компаниите. Во однос на побараните трошоци, РКЕ призна за пет милиони евра помалку трошоци кај овие три компании“, додаде тој.

Одлуката за новата цена требаше да биде донесена во август годинава, но беше одложена поради оштетувањето на топловодот на мостот „Беласица“, што беше опожарен и се чекаше старт на работите за санација. Според РКЕ, во Скопје има вкупно 64.000 домаќинства кои се снабдуваат со топлинска енергија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста