Османи ги прошета новинарите во „Борис Трајковски“, ама одговор нема колку точно ќе чини конференцијата на ОБСЕ

Османи ги прошета новинарите во „Борис Трајковски“, ама одговор нема колку точно ќе чини конференцијата на ОБСЕ

Колку точно народни пари ќе даде Македонија за министерскиот собир на ОБСЕ, ќе се знае по завршувањето. Министерот Бујар Османи тврди дека ќе потрошеле помалку од планираните пет милиони евра, колку што се обезбедени од државниот буџет.

Според него немало ништо спорно во оваа фантастична сума, требало да се земе предвид големината на настанот и тоа што други земји давале и до осум милиони евра.

Но Бујар Османи изгледа заборави дека Македонија има годишен буџет од само 5.3 милијарди евра, а јавен долг од повеќе од 8.3 милијарди евра.

Првиот дипломат заедно со новинарите изврши увид на активностите во салата Борис Трајковски, за чие пренаменување, од џебот на граѓаните испарија 1,8 милиони евра кои завршија кај фирмата Еуровиа, еден од поголемите донатори на ДУИ.

„Ги разбирам реакциите затоа што ние не сме навикнати на настан од вакви димензии, ова е веќе друга лига за државата. Но, и настанот од такви димензии се разбира дека има одредени трошоци“, рече Османи.

На прашањето зошто Македонија ќе плати 960 илјади евра за изнајмување автомобили се правда дека им биле врзани рацете бидејќи цената ја утврдувал понудувачот, а на тендерот се пријавила само една рент-а-кар компанијата. Зошто, вели Османи, прашајте ја фирмата.

„Дури и тип на возила, марка на возила, простор, број и слично. Договорот што го постигнавме со рент-а-кар агенцијата е рамковен договор како резервен план. Во договорот е утврдена цена на возило и на ден. И во него јасно стои дека МНР нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Кога ќе ги исцрпиме сите домашни институционални капацитети, министерски возила, возила на СЗРО, возила од други институции, комбиња, автобуси, сè што ќе можеме да најдеме, тогаш остатокот што нема да може да го обезбедиме, ние веќе имаме од каде да обезбедиме возила. Јавен тендер беше спроведен. Сите рент-а-кар агенции беа информирани, но, за жал, имаше една понуда“, истакна Османи.

Османи без конкретно објаснување за најскандалозниот дел – зошто државата ќе плаќа и двојно повисоки цени од пазарните.

Исто комбе, различни цени. За едно возило според тендерот, МНР ќе плаќа 19.200 денари на ден без ДДВ. Но, едноставна проверка на интернет страната на истата компанија покажува дека идентично возило обичен граѓанин би го платил 10.200 денари на ден или дури 150 евра помалку.

Според договорот ќе се изнајмат дури 35 вакви комбиња па разликата во цена достигнува дури 315 илјади денари или 5 илјади евра.

Слично е и со другите возила од договорот кој вкупно вреди 960 илјади евра, народни пари.

Спортивно на пазарната логика за голема набавка наместо пониска Бујар Османи ќе плати драстично повисока цена.

Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе го проверува овој скандалозен тендер.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста