Беса Адеми не се појави во Судскиот Совет за притисоците врз врховните судии

Беса Адеми не се појави во Судскиот Совет за притисоците врз врховните судии

Какви притисоци и од кого имало во Врховниот суд Беса Адеми реши да не споделува со Судскиот совет, бидејќи сега според нејзе, не е вистинскиот момент. Претседателката на највисоката судска инстанца во Македонија не ги удостои членовите кои ја повикаа да им каже кој влијаел во работата на врховните судии. Адеми преку писмо им се обрати дека за притисоците кои ги трпи судската власт не само во медиумите, пишува и во меѓународните извештаи, а најдобро ќе биде дебата да се развива кога ќе се прочита извештајот на оценската мисија која надгледуваше како работи токму највисокото судско тело.

  • „За политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството. Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото. Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија“, вели Адеми во писмото.

Судскиот совет ќе продолжи да испитува дали имало влијанија само врз претседателката Адеми, или пак врз сите врховни судии. Но на кој начин ќе го направи тоа засега останува непознато со оглед на тоа дека првиот човек на  Врховен, барем според соопштението нема да разговара сега на таа тема со членовите на Судски.

  • „Дали ние ќе одиме на посета во Врховниот суд или ќе бидат повикани колегите тука, за формата ќе одлучиме дополнително“ рече Ивица Николовски, член на СС.
  • „За влијание или притисоци, тоа како што реков, е кривично дело, член 275 од КЗ, што значи веднаш ќе го известиме јавниот обвинител“ рече претседателот на СС, Георгиев.

За притисоците на судско-бизнис елитата признаа двете претседателки на Судскиот Совет пред да биде избран Георгиев. Тој побарал неговите претходнички да кажат кој ги притискал во работата, но досега освен изјавите друго не се знае.

  • „Лично разговарав со двете претседателки, дали имаат појава на некакви влијание и сето да ми го кажат, да ми го пренесат, не добив одговор“ рече Георгиев.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми во интервју призна дека со колегите трпат притисоци и присутна е политичка закана за разрешување на судии, па затоа Судскиот совет ја повика на средба.

https://youtu.be/7KuorioUnh4
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста