Нови 26 компании не го платиле данокот на солидарност, УЈП ќе ги контактира пред да им ги блокира сметките

Нови 26 компании не го платиле данокот на солидарност, УЈП ќе ги контактира пред да им ги блокира сметките

Од 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, кои ја имале обврската да го платат данокот на солидарност, должници кон државата се уште 26 правни лица. Овие компании, на име данок на солидарност, кон државата треба да уплатат 726, 6 милиони денари. Но, тоа според директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, сè уште го немаат сторено и покрај рокот што им бил даден.

Лукаревска, на денешниот брифинг со новинарите, образложи дека од 26-те компании што ја должат обврската, шест направиле пребивање, што е дозволено, а три компании одлучиле данокот да го плаќаат на три рати (октомври, ноември, декември).

Речиси половина од фирмите кои не го платиле данокот на солидарност, Лукаревска вели дека се од Скопје и тоа дури 12, а останатите се од Неготино, Струмица, Гевгелија, Делчево, Битола, Прилеп, Чучер Сандево, Гостивар, Слупчане, Желино, Охрид. 

Во однос на дејностите на компаниите што должат, директорката на УЈП вели дека тие се различни.

„Две фирми се од дејноста коцкање и обложување, две за изградба на станбени и нестанбени згради, две компании со дејност трговија со дрва, градежни материјали и санитарија и од трговија на големо со хемиски производи“, рече Лукаревска.

Најчестата причина зошто овие компании не ја исполниле обврската, Лукаревска вели оти е немањето средства.

„Најголемиот должник, а воедно и компанија со најголема пријавена обврска, е скопска компанија од среден обем, чија дејност е трговија со електрична енергија, која остварила вкупни приходи од 13,2 милијарди денари и должи 294,6 милиони денари“, рече Лукаревска.

Директорката вели дека УЈП веќе има доставено опомени до компаниите, а рокот до кога треба да ја исполнат обврската останува 24 ноември. Потоа вели дека ќе следува блокирање на сметката на компаниите иако нагласи дека целта на УЈП не е да ги блокира, туку да се најде решение. 

„Пративме опомени, потоа ќе доставиме и решенија и на крај блокирање на сметките. Но, до денот на блокадата, сепак, ќе ги контактираме за да видиме каква е состојбата“, вели Лукаревска. 

Од 130 компании што го имаат платено данокот на солидарност, Лукаревска рече дека до вчера, се наплатени 2,3 милијарди денари. Вкупниот данок на солидарност, што сите компании треба да го платат, од УЈП велат дека е три милијарди и 29 милиони денари.

Најголем износ, од 257,3 милиони денари, Лукаревска рече дека се уплатени од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.

За овој закон, кој помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка, со европско знаменце, Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста