121 година од смртта на Гоце Делчев: Мицкоски повика на национално обединување, Маричиќ тврди- не преговарале за Делчев со Бугарите

121 година од смртта на Гоце Делчев: Мицкоски повика на национално обединување, Маричиќ тврди- не преговарале за Делчев со Бугарите

121 година од смртта на најголемиот македонски револуционер и национален херој Гоце Делчев. Од неговото вечно почивалиште во црквата Свети Спас, повици за национално обединување и враќање на надежта за Македонија, за чија слобода и незавиност се борел токму Делчев. На тоа повика лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

-Денеска се поклонуваме на ова место за нас посебно, традиционално, на македонскиот великан Гоце Делчев, со желба за национално, општествено обединување. Нешто што ќе ни биде потребно после осми мај, нешто што треба да биде императив после осми мај, да ја вратиме надежта дека Македонија и граѓаните во Македонија ќе успеат, изјави Мицкоски.

Со пораки за обединување и социјалдемократите. Вицепремиерот за европски прашања запрашан дали можеби преговорите со Бугарија за Гоце Делчев се една од причините за дебаклот на СДСМ првиот круг од претседателските избори, вели дека тие никогаш не преговарале за неговиот статус. Тоа било работа на историската комисија, од каде пак неколку пати се пожалија на политички притисоци.

-Ние не сме преговарале за Гоце Делчев никогаш, ниту планираме да преговараме, тоа е една од многуте теми што се разговара во историската комисија. Гоце Делчев не бил предмет на политички разговори никогаш, изјави Маричиќ.

-Неговиот манет и за сегашните и за идните генерации, затоа што истиот е симбол на единството и секако на државотворноста, кој што се борел за слободна и просперитетна држава, изјави Сања Лукаревска, директорката на УЈП.

Во вечното почивалиште на Делчев имаше повеќе делегации, една од нив годинава предводена од претседателот и кандидат за нов мандат,  Стево Пендаровски, кој претходно праќаше само претставници од неговиот кабинет. Цвеќе на гробот на Делчев положи и кандидатката за шеф на државата, Гордана Силјановска Давкова, како и Максим Димитриевски. Дел од владината делегација беа министериките Славјанка Петровска и Каја Шукова. Го немаше поранешниот премир Димитар Ковачевски, од СДСМ дојдоа Бојан Маричиќ, Сања Лукаревска и првиот човек на социјалдемократската младина Марко Михаилоски.

Ковачевски во чест на Делчев објави само на Фејсбук. Порача дека како што најголемиот револуционер не се откажал од својата борба, не требале ни тие.

-Во време кога во повеќе делови на Европа и светот беснеат војни, Гоцевите зборови делуваат како отрезнувачка порака за човештвото. Неговата борба за слободна и независна македонска држава ќе остане вечен паметник за жртвата што ја дале тој и неговите современици, напиша Ковачевски.

Во чест на Гоце Делчев денеска беше одржана панихида од Македонската православна црква и повеќе делегации положија свежо цвеќе. За разлика од претходните години кога имаше тензии за овој ден, поради спорот со Бугарија и организираните бугарски делегации,  оваа година одбележувањето на денот кога загинал Делчев беше мирно и само со присуство на делегации од Македонија, а немаше и официјална Бугарија. И таму е предизбори, за во јуни се закажани новите избори, а историската Комисија со месеци е заглавена.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )