Не стивнуваат проблемите во скопски „Водовод“, вработените и Синдикатот бараат одговорност од директорот

Не стивнуваат проблемите во скопски „Водовод“, вработените и Синдикатот бараат одговорност од директорот

Хаосот во „Водовод“ не престанува. Меѓу последните информации што од таму доаѓаат е и таа дека директорот Драган Илиевски, заедно со негови поддржувачи во претпријатието, ги уценувале раководителите на сектори да потпишат список што ќе биде јавно објавен, на кој лажно се прикажува поддршка за постапките на директорот. Претходно, самиот Илиевски објави дека со потпис на Управниот одбор на Водовод, избркани се педесеттина водоинсталатери, механичари, инженери, возачи, односно технички персонал. Ги обвини ВМРО-ДПМНЕ за бркањето, на што од партијата му одговорија дека директно градоначалничката Данела Арсовска го бира Управниот одбор. Во град Скопје владее хаос, велат од партијата.

И додека раководството на Водовод се обидува политички да се пресметува, страдаат работниците. Од синдикатот порачуваат да се освести менаџментот на претпријатието и конечно да воведе ред. 

Членови на Управниот одбор на Водовод, и јавно на социјалните мрежи го критикуваат директорот.

Очигледно е дека единствен критериум за некој да стане директор на „Водовод“, е што повеќе да направи штета на претрпријатието, со што повеќе вработени да се искара и да биде понизен и послушен. Впрочем така и доби Драган Илевски менаџерски договор, според овие истите критериуми, пишуваат меѓу другото оттаму.

За жал „Водовод“ е само едно од јавните претпријатија под град Скопје во кои владее општа катастрофа. Откако Арсовска, на изненадување на сите, ја разреши Косана Мазнева Николиќ од директорската позиција во  „Комунална хигиена“, и назначи нов директор, Кашиковски вели состојбата повторно не чини.

И додека свесно се предизвика хаос во Скопје, сиот товар паѓа врз грбот на граѓаните кои ни криви ни должни приморани се да ги сносат последиците.

Иако градоначалничката Данела Арсовска најави Програма со која ветуваше трансформација на градот и бројни капитални проекти кои до сега требаше да го променат ликот на Скопје, сето тоа остана само на хартија, ама затоа има само смени на дури 32 директори во 11 институции и јавни претпријатија. Тие наместо да работат, тие си ја префрлаат топката и се надмудруваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста