Министерот за транспорт не гледа вина во себе за автопатот „Кичево-Охрид“ кој веќе изеде 600 милиони евра

Министерот за транспорт не гледа вина во себе за автопатот „Кичево-Охрид“ кој веќе изеде 600 милиони евра

На власта дури сега и текна да прави ревизија на изградбата на автопатот „Кичево-Охрид“, ама никако да се отплетка од сопствените контрадикторни изјави. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од Неготино рече дека се уште барало најдоброто решение за завршување на автопатот, но без политички притисок, и со стручна анализа. Вели, кинеската компанија „Синохидро“ која работи на изградба на автопатот „Кичево-Охрид“ има рок до крајот на годинава да работи на негова реализација, иако делницата е заглавена во ќор сокак.

  • Компанијата ‘Синохидро’ во минатиот период беше во континуирана координација со Министерството, со Јавното претпријатие за државни патишта и со сите подизведувачи во насока на решавање на сите прашања кои се отвораа во текот на изградбата. Важно е дека компанијата има се уште рок за реализација и до 31.12 имаат и рок и фронт за да продолжат да работат на терен“, рече министерот Бочварски.

Бочварски очекува анализата од експертите на Меѓународна федерација на консултантските инженери да даде правци по кои државата треба да продолжи за завршување на автопатот.

Бочварски сега не гледа вина кај себе, иако премирот посочи дека лично министерот за транспорт е одговорен за изградбата да заврши до крај на 2023.

  • Сега треба да се направи анализа зошто не е завршено, зошто изведувачот не успеал да го заврши, дали проектите биле правени биле квалитетно направени, дали тие што ги правеле ги заслужуваат лиценците што ги имаат за да направат проекти. Ќе ви направам аналогија, тоа е исто како да имате овластен книгиводител кој ги прмашува завршните сметки на една компанија и се поставува прашањето дали ја заслужува лиценцата да биде овластен сметководител, рече Ковачевски.

Претходно, премиерот посочи дека одговорност за долгото градење на патот треба да се бара и од проектантите. Рече дека ќе има финансиски импликации ако се раскине договорот, но какви ќе одредел судот во Париз кој е надлежен во случај на арбитража. Дали се наведени некакви пенали во самиот договор, Ковачевски не кажа.

Рокот за изградба на автопатот истекува на крајот од годинава. Овие 57 километри достигнаа вредност од фантастични 600 милиони евра, или речиси 11 милиони по километар државни пари, кои ако се суди според реалната слика, заминаа во ветер.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста