Во Прилеп се делеше бесплатен василичарски бурек, а во еден ја имаше и паричката на среќата

Во Прилеп се делеше бесплатен василичарски бурек, а во еден ја имаше и паричката на среќата

        Доследни на традицијата – исклучиво за Василица да се става среќната паричка во Василичарскиот бурек, традиционалните прилечани и годинава на платото под Градскиот саат заедно го направија адетот. Во организација на општина Прилеп и на повеќе локални општествено одговорни компании, бесплатно беа поделни над 500 василичарски буречиња, а во само едно од нив ја имаше и паричката на среќата. Паричката, на среќниот добитник, освен среќа во новата година, ќе му донесе и пригодни подароци од ЛС која пак, оваа манифестација започна да ја организира пред две години.

  „Ја одбележуваме Стара Нова година по Јулијанскиот календар што за православните христијани навистина е од големо значее. Трета година по ред го одбележуваме и Василиј Велики – Василица, каде што симболично, со подарување на парче бурек, топол чај, греено вино сите наши посетители имаат можност да го одбележат овој, веќе традиционален настан. Во исто време им посакувам на сите мои сограѓани да имаат убава, среќна нова година и да уживаат во благодетите и бериќетот на оваа година“, – кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

   Прилепчани презадоволни. Велат, убаво е што пред две години се востанови оваа традиција, најмногу заради тоа што главно обележје на овој голем празник е вртењето на Василичарското лебче или бурек во кој се става паричка.

   Инаку, христијаните кои што се владеат според Стариот, Јулијански календар,  вечерва ја слават Стара Нова година, или помеѓу народот попозната и како Православна Нова година, но и како Василица. Во градот под Марковите Кули пак, вековна традиција е „среќната паричка“ да се става во Василичарскиот бурек, а не во Бадниковото лепче. Нема прилепско семејство во кое не се „врти“ бурек, па оттука и идеата на локалните власти во 2022 година овој настан да го направат јавен, со намера да прерасне во традиционален.

   Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста