Власта како желка тромаво работи на санација и реконструкција на зградата на „Македонски пошти“

Власта како желка тромаво работи на санација и реконструкција на зградата на „Македонски пошти“

И покрај директните опомени од Европа преку нивниот амбасадор во земјава, власта со години е глува за состојбата на комплексот на централната македонска пошта којшто е еден од седумте загрозени културни споменици на европско тло, прогласен од европската организација Европа Ностра. Како желка и полжав така и Министерството за кулура заедно со Македонски пошти работат на санација на ова монументално дело среде центарот на Скопје кое беше опожарено уште во 2013.

Вицепремиерот Битиќи најави финални резултати од работната група при Министерството за култура и Македонски пошти којашто треба да работи на санација на кровот со почетни 10.000 евра, грант доделен од Европа ностра. Но, според информациите на Алфа, кога ќе легнат парите и кој ќе биде одговорен за надзорот и реконструкцијата на зградата, засега никој не знае.

На прашање што презело досега Министеррството за култура во врска со санацијата на штетите во зградата, оттаму молк. Во телефонски разговор за Алфа кратко појаснија дека се работи на случајот, но засега нема ништо што треба да се објави јавно.

Во меѓувреме, евроамбасадорот Дејвид Гир неколку години по ред ја потсетува власта дека треба итно да ја санира зградата на македонска пошта. Неколку години по ред се менуваат и директори од СДСМ или ДУИ, и секој во својот мандат ветува санација и реконструкција, но попусто. Актуелната директорка Бујаре Абази во телефонски разговор за Алфа потврди дека се работи на ова прашање, но не беше информирана околу деталите.

Изгледот на зградата е рефлексија на работењето внатре. Граѓаните честопати јавно се жалат дека пратките доцнат, а понекогаш воопшто не ни стигнуваат.

Можеби пукнатините и кабрио изгледот на зградата не им пречи на надлежните, но затоа пак, за хигиената внатре се многу ригоризни. За вртоглави 1, 2 милиони евра Македонска пошта пред само два месеци на тендер избра фирма две години да ја одржува хигиената во комплексот.

Волјата на одговорните за тоа што и како ќе се трошат буџетски средства сведочи за руинираната состојба на зградата којашто е дело на архитектот Јанко Константиновски и е од витално значење за бруталистичко наследство во Скопје и во Европа.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста