После 5 татковци на нацијата, Македонија добива мајка: Која е Гордана Силјановска-Давкова, првата жена претседателка?

После 5 татковци на нацијата, Македонија добива мајка: Која е Гордана Силјановска-Давкова, првата жена претседателка?

Од  факултетските клупи, преку собраниските редови и еден од најгласните опозициски пратеници, конечно стана прва жена претседател на Македонија. Гордана Силјановска-Давкова се вселува во Вила Водно, а со тоа Македонија стана седма европска држава со жена претседател.  

Силјановска се обврза дека нема да ја користи придавката „северна“ пред Македонија, освен кога е обврзана со закон. Идната претседателка порача дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а преспанскиот договор за неа е политички и правно отворено прашање.

  • „Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските Европејци имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ – НАТО, НАТО – ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите, само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, велеше Давкова.

На власта и кажа дека влегува со глава во ѕид во однос на уставните измени со цел внесување на Бугарите. Порача дека отпочнување на целиот процес во Собранието без национален консензус е целосно нелогично, па оттука само доколку пратниците како уставотворен орган ги изгласаат тогаш таа ќе ги поддржи.

  • Прво дајте да провериме дали има расположение во Собранието. Што мислат дека ако почнат со работни групи дека сите ќе гласаат? Дека со тоа ќе создадат привид на отпочнат процес? Процесот се проверува на лице место. За почеток на измени на Устав потребен е предлог, а за негово усвојување неслучајно е потребно двотретинско мнозинство, за да не се фрлате во непотребен трошок и време да го проверите тој момент инаку попусто ќе работат групите“, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова вети и дека ако победи ќе ја врати почитта на позицијата претседател на државата, за разлика од досегашниот Пендаровски. Најави и дека ќе биде коректор на централната власт и нејзин критичар доколку тоа е потребно.

  • Никогаш нема да одам на преговори, никогаш нема да разговарам за Македонија, никогаш нема да разговарам за Уставот, пред претходно да се договорам со Владата и со Собранието за тоа“, рече претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на митинг во Гостивар.

Силјановска Давкова во текот на минативе години беше гласен критичар на сите погрешни политики на власта. Својот мандат во Собранието го искористи да укаже на проблемите кои доаѓаат со новиот Кривичен законик, кој веднаш го потпиша нејзиниот ривал Стево Пендаровски.

  • Ова мене ми личи на преудицирана амнестија за потенцијалните сторители, можеби нивните имиња и презимиња не ги знаеме, меѓутоа областите каде што се случуваат овие кривични дела, институциите фондовите итн. секој ден ги слушаме, иако веќе не можеме да ги запомнеме колешке, се срамам што сум правничка“, изјави Силјановска Давкова.

Кампањата ја водеше со слоганот „Македонија повторно горда“, но постојано потенцираше дека слоганот укажува дека граѓаните ќе бидат повторно горди.  

Со самиот влез во изборната трка, Силјановска Давкова стана мета на навреди од страна на членството на СДСМ. Но и од самиот Стево Пендаровски, кој на митинзите целосно го прекрши Кодексот за фер и демократски избори и почитувања кон против-кандидатите, кој пред стартот на кампањата го потпиша во ДИК.

Таа покрај долгогодишен професор на Правниот факултет беше член на Уставната комисија во собранието и министер без ресор во првата политичка Влада по самостојноста на Македонија. Како експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венециската комисија и автор е на стотина научни труда за уставното право и политичкиот систем.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus (0 )