„Македонија повторно твоја“: Промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

„Македонија повторно твоја“: Промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Наместо лист хартија, ВМРО-ДПМНЕ нуди конкретни 1198 проекти за народот. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на престојните избори и затоа што Демократската унија за интеграции мора да замине во опозиција, по 20-години на власта не неправија ништо за албанските граѓани кои живеат исто толку лошо колку и Македонците, Турците, Ромите и сите етнички заедници во Македонија – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во ИЗ 1, Христијан Мицкоски на промоцијата на 120-те пратеници за престојните избори. Под слоганот „Македонија повторно твоја, промените во твои раце“, ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да излезат на избори и да ја дадат поддршка за победничката партија. 

  • „Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно.  Затоа што и Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија. Тоа што ДУИ беше зелена партија, а сега се големи европејци покажува дека тие имаат десетина лица, но едно лице никогаш не го менуваат, тоа е лицето кое што стално носат со себе, тоа е лицето на криминалот. И за тој криминал мора да одговараат и да има правда за секого. Јас сум свесен дека Али Ахмети и тие малкумина околу него, точно знаат што правеа овие повеќе од 20 години. Свесен сум дека тоа што не им појде од рака со пушка, сакаат сега од внатре, од институциите да го сторат. Нивната цел е една, а тоа е да ја опљачкаат, уништат, понижат и засрамат Македонија. Да ги понижат оние кои ја бранеа Македонија“, кажа Мицкоски. 

Доста беше црнила, неспособност, лаги, корупција, криминал, доста беше негативна енергија – време е да зборуваме за проекти кои им се потребни на граѓаните – порачаа потпреседателите на партија, Мисајловски и Николоски како носители во изборните единици 2 и 4.

  • „ВМРО-ДПМНЕ се грижи за најмладите, како и за возрасната популација. За најмладите ќе гледаме да има место за секое дете во градинка, учебник за секој ученик. За возрасната популација, пензионерите во првата година од владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат 5.000 денари поголема пензија“, кажа Владо Мисајловски, носител во ИЗ 2.
  • „Не е работата да наполните 18 години и да земете карта во еден правец и да се слушате на видео кол со своите, не е работата да имате 40 години и да се спакувате во едно возило и да заминете, не е работата да сте пензионер и да ги пакувате своите и да гледате како се пакуваат и да ги испраќате и да не можете да ги видите. Ама, за жал тоа е фактичката состојба“, вели Александар Николоски – носител во ИЗ 4.

Граѓаните да излезат на престојните избори за да си ја вратиме Македонија. Македонија се сака со дела, а не со празни флоскули и лажни ветувања – порачаа носителите на изборните единици – пратеникот Драган Ковачки во тројка, во ИЗ 5 партскиот генерален секретар Ѓорѓија Сајковски и  Дафина Стојановска во шестка.

  • „Ве уверувам и повикувам да дадаме се од себе, да ги посетиме сите градови, населените места, да се сретнеме со колку што е можно повеќе граѓани и лично да разговараме со нив. Да им ја понудиме програмата Платформа 1198 и да ги презентираме проектите за кои ве уверувам дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и идниот премиер Христијан Мицкоски ќе ја реализираат. Платформата 1198 е програма која нуди проекти за секој граѓанин и е одговор на барањата и потребите на граѓаните. Проекти кои ќе го подобрат животот на секој граѓанин, проекти кои ќе донесат инвестиции, проекти кои ќе отворат нови работни места“, порача Драган Ковачки, носител во ИЗ 3.
  • „Корупција. Некомпетенција. Криминал. Регресија. Ограбени претпријатија. уништени Институции. Кој уште негативен синоним да им го препишеме на оние во заминување. Дали останаа зборови со кои може да се опише потфрлањето? Што е уште поважно прашање, дали вреди да се губи време дополнително зборувајќи за тоа? Македонската, па дури ни светската историја не памети вакво однесување на една влада кон својот кон сопствениот народ. Како што Балтазар Грасијан рекол „Вистината обично се гледа, ретко се слуша”, не сакам да зборувам за тоа што било, затоа што видовте. Ама силно верувам дека ќе ни дадете шанса да ви покажеме и да видите дека може поинаку, подобро и поодговорно. Јас верувам во вас, народот на Македонија“ истакна Ѓорѓија Сајкоски, носител во ИЗ 5.
  • „Конечно, ова е единствената пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која, како што влезе, така и излегува од Собрание. Како по број, така и по компактност, единство и непокор. Мои колеги и колешки, еднаш кажав, денес ми е чест да повторам: Вие сте новите херои на денешна Македонија. Докажавме сите заедно што значи патриотизам, лојалност и чест. Докажавме дека Македонија се сака со дела, а не со празни флоскули и лажни ветувања“, рече Дафина Стојановска, носител во ИЗ 6.

Денешната промоција на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако во четвртокот највисоките партиски тела ги потврдија 120-те кандидати за престојните избори. Политичките партии најкасно до втори април во вторник треба до ДИК да ги достават кандидатските листи. Изборната кампања за претседателските избори почнува во четврток на 4-ти април, додека за парламентарните избори почетокот е на 18-ти април. 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста