Корона кризата сериозен удар за стоматолозите-обемот на работа им е преполовен, трошоците удвоени

Корона кризата сериозно удри на стоматолошките ординации.Обемот на работа на тетовските стоматолози им е преполовен.Работат со мал број пациенти и само итни случаи, а годинава ги нема ниту печалбарите,кои при нивното доаѓање во голем процент ги користеа овие услуги, а со тоа значително го зголемуваа и профитот.

  • „Во однос на странците кои доаѓаа овој период секоја година, годинава има само 5 посто странски пациенти, се друго е локално само со проблеми од типот на забоболко,крварење…”- вели Владимир Димитровски-приватен стоматолог.

Дополнителен проблем е што на намалениот обем на работа,зголемени им се трошоците за заштитна опрема и дезинфекциски средства.Се снаоѓаат сами, што за нив е уште поголем финансиски товар.

  • „Трошоците што ги имаме дополнителни овој период за нашата работа не оптоваруваат.Знаејќи дека капацитетот на работа е само 30%,автоматски и примањата се толку и тешко се покриваме”- вели Владимир Димитровски-приватен стоматолог.

Стоматолошките ординации два месеци беа под клуч.Сега работат со посебни протоколи,но и покрај заштитата, ризикот за ширење на вирусот е голем, со оглед на начинот на работа, во кој е невозможно да се одржува физичка дистанца.Затоа велат, најважно им е пациентите да бидат искрени и не кријат доколку имаат симптоми или биле во контакт со заболен.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста