Докторите бараат поригорозни казни за напад на здравствен работник

Докторите бараат поригорозни казни за напад на здравствен работник

Се уште трае мистеријата кој и зошто свирепо го уби матичниот лекар пред поликлиниката Железара. Од ОЈО нема детали за истрагата. Грозоморното убиство предизвика силна вознемиреност и паника кај белите мантили.Лекарската комора и матичните доктори бараат итна разрешница на случајот, но и измени во кривичниот законик, за поголема заштита на медицинскиот персонал. Велат дека потребни се итни законски измени за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

Министерот за здравство Демири, кажа дека го оправдува револтот на докторите, и уверува дека ќе се залага за посилна безбедност во здравствените установи.Но не кажа конкретно кога и што ќе преземе.

Матичните лекари денеска од 12 до 16 часот ги затворија амбулантите во знак на револт, откако во петокот нивни колега – доктор беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното во полиција, лекарот го нашле неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

Прес-конфернцијата во Лекарската комора почна со едноминутно молчење во знак на почит кон двајцата починати, 67-годишниот лекар од Скопје и 40-годишната докторка од Скопје, која загина во сообраќајка пред неколку дена.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста