Во просек 150 лица ги губат животите секоја година на патиштата во Македонија

Во просек 150 лица ги губат животите секоја година на патиштата во Македонија

Загина пешак, страотна сообраќајка, жртви и повредени, вакви информации постојано сретнуваме во полициските билтени. Македонија е една од земјите со висок процент на смртност во сообраќајки. Секоја година во просек по 150 луѓе ги губат животите на македонските патишта.

Причина како што наведуваат експертите е лошата инфраструктура, долгите санации, несовесното возење и несоодветната сигнализација.

Статистиката која ја направија од здружението „Медиум“ покажува дека за период од десет години од 2012 до 2022 година, во сообраќајни несреќи животот го загубиле 1558 лица, а 66517 биле повредени.

Според првиот човек на „Медиум“, Игор Митревски, овие бројки треба да претставуваат аларм за државата превземе нешто. Но, тоа не треба да го направи само преку казни кои ќе паѓаат на грбот на граѓаните, туку и со подобрување на сообраќајната инфраструктура.

„Ние имавме една добра мерка која што се нарекуваше негативни поени во минатото и тоа е европска практика, многу држави ја користат, за жал кај нас беше исфрлена и е добра и треба да се врати“, изјави Митревски.

За жал Македонија нема регистар за сообраќајни незгоди и не може да се направат подетални анализи за тоа кои се најпроблематични точки во Македонија. Митрески порачува дека потребна е  засилена контрола која ќе испитува во какви услови се градат патиштата и дали се запазуваат потребните стандарди за градба.  Како пример го посочува патот Подмоље Охрид, каде во последниве години честопати имаше фатални сообраќајки.  Митрески ги спомена и примерите со Ласкарци и Струма во кои животот го загубија 62 лица.

„Во овие две сообраќајни несреќи во Ласкарци во која животот го изгубија 16 наши сограѓани и сообраќајната несреќа на автопатот Струма во Бугарија, во која животот го изгубија 46 наши сограѓани се најголемите сообраќајни несреќи, не само во Македонија, туку и во Европа, меѓутоа за жал констатираме дека имавме недобра правна завршница“, изјави Митревски.

Се гине и во Европа, но за ралика од кај нас таму жртвите можат да сеизбројат на прсти со оглед на тоа што најголем дел од европските земји имаат едни од најбезбедните патишта според анализте на Европската Комисија.

Според Митревски освен патиштата во Македонија причина за незгодите се и недоволно обележаните сообраќајници, кои предизвикуваат забуна кај одредени возачи, особено туристите, кои често грешат и ги доведуваат и своите, но и животите на другите учесници во сообраќајот во опасност.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста