Во прилепските детски градинки две негувателки позитивни, 30 деца во изолација

Две негувателки од прилепските детски градинки се Ковид – позитивни, а вкупно 30 деца се ставени во 15-дневна изолација, 21 дете од возрасната група од 2 до 3 години и 9 на возраст од 3 до 6 години. Според директорот на ЈОУДГ „Наша иднина“, Орце Тодороски, во шестте градинки се почитуваат сите препорачани здравствени протоколи и во моментов нема место за паника. „Кај нас се згрижени 630 деца во 50 групи. Меѓутоа, она што и понатаму останува како сериозен проблем е недостигот од места за уште 373 деца, пришто некои родители на долгата листа на чекање оставени се и по две години, иако и тука се обидуваме да направиме некои приоритети“ – се правда Тодороски.

 „Ние намалуваме колку можеме. Предност имаат самохрани мајки и деца со еден родител. Тие гледаме прво да ги примиме, а се’ останато, оди по листа на чекање“, – ни изјави директорот на ЈОУДГ „Наша иднина“.

     Веќе хроничниот недостиг од доволно места во градинките, кој се провлекува со години, се очекува да се реши со долгонајавуваната нова детска градинка, а чија изградба, по неколкуте претходни пролонгирање од 2018-та година наваму, конечно започна дури пред пет месеци. Според тогашните оптимистички најави на надлежните, истата треба да биде готова и ставена во функција  веќе следниот месец, иако тековните градежни работи се уште се далеку од завршната фаза.

 „Градинката нова се гради, вторите столбови за втората плоча да биде турена. Јас се надевам дека ќе стигнеме, инаку пенали ќе сноси…јас мислам дека со она темпо ќе стасаат“, – посочува Тодороски.

    Инаку, новата Детска градинка со капацитет за околу 250 предшколски деца е едно од предизборните ветувања на оваа локална власт, но врз идеен проект наследен од нивните претходници. Нејзината вредност е 110 милиони денари. Градинката, според ветувањата дадени во 2018-та година, требаше да биде дел од Комплексот „Спортско-рекреативниот центар со покриен базен“, капитален проект, вреден 120 милиони денари. Но, тој до ден денес не е ни започнат, иако градоначалникот Илија Јованоски, во март тврдеше декапостапката била во тек и дека за два-три месеци ќе биде направен повеќе од  половината.

Каролина Дурло