Сведоштво на пожарникар – 20 години од терористичките напади кои го променија светот

102 минути кои го променија светот. Пред точно 20 години, на 11 септември, беа урнати четири киднапирани авиони.

Првиот удар беше во 8 часот и 46 минути во северната кула на Светскиот трговски центар, вториот 17 минути подоцна во јужната кула, третиот во 9 часот и 37 минути во зградата на Пентагон, а четвртиот авион се урна во 10 часот и 3 минути во поле во Пенсилванија.

Сеќавањата се уште се свежи во целата земја, но најмногу кај оние кои загубија блиски или беа на самото место на терористичките напади.

Разговаравме со пожарникар од Арлингтон, Вирџинија кој бил вклучен во спасувачката акција во Пентагон.

Џастин Тирели на 11-ти септември 2001-та имал само 24 години и неколку месечно работно искуство кога еден од киднапираните авиони удри во Пентагон.

„Кога има голем настан како, 20 години звучат како голема бројка, но не чувствувам така. Делува како да беше вчера“, вели Џастин Тирели, пожарникар од Арлингтон.

Тирели и неговите колеги дознале дека Соединетите Држави се нападнати кога ја добиле наредбата да се упатат кон Пентагон, кој се наоѓа токму во неговата општина Арлингтон која е предградие на Вашингтон.

„Многу нешта дојдоа кон нас. Луѓе кои бегаа од зградата, имаше повредени, имаше чад, голем пожар. Таму имаше пожарникарски возила, полициска возила. Имаше извештаи дека доаѓаат авиони. Евакуиравме, се враќавме внатре, евакуиравме пак“, додава тој.

Големиот пожар предизвикан од ударот траел со часови. За тоа време Тирели морал да влезе во Пентагон и да се упати на покривот. Внатре ги видел и остатоците од авионот. Чадот бил многу густ и тој вели дека тогаш мислел оти нема оттаму да излезе жив.

„Немаше ништо друго освен оган. Секогаш кога прскавме со вода изгледаше како ништо да не правиме. Прскавме со вода, како да одеше во амбис“, рече Тирели.

Тирели слушал врескања и лелеци, но не запирал. Никој од неговиот тим со часови не правел пауза.

„Никогаш нема да заборавам некои од луѓето кои ги видов, жртвите кои ги видов таму, кога помагавме во расчистувањето. Знаејќи дека тоа не е само тело, дека не е некој предмет. Дека е личност со семејство кое тагува, коа има загубено некој драг. Кога се ќе соберете ја сфаќањето сериозноста на тоа, големината на тоа. И ве допира зашто сум поврзан со овие семејства иако никогаш ги немам запознаено“, вели тој.

Нападот на Пентагон засекогаш го променил животот на Тирели. Сепак, овој пожарникар вели дека не се чувствува како херој. Вели само ја работев својата работа.

На 20 годишнината американскиот претседател Џо Бајден и целиот државен врв оддаваат почит на сите локации каде загинаа вкупно 2.996 луѓе, а над 25 илјади беа повредени.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста