Граѓаните бараат одговорност, министерот прво ќе ја чекал истрагата: Филипче нема намера да поднесе оставка поради морални причини

Трагедијата во Тетово не е доволна за Венко Филипче да поднесе оставка, макар од морални причини. Министерот за здравство дури и не одговори на прашањето дали чувствува морална одговорност, за загубените 14 животи во модуларната болница, која целосно изгоре за само неколку минути. Ќе требало да почекаме да завршела истрагата, па дури потоа тој можеби ќе размислувал за своја или одговорност на некој друг.

-Од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам, но ќе инсистирам на тоа и ќе чекам на тоа да заврши истрагата, поради тоа што и овој период ќе има потреба од менаџериње на кризата, посебно околу пациентите во Тетово, сето тоа што значело. (БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ ОДГОВОРНОСТА Е КАЈ ВАС ИЛИ НЕ Е КАЈ ВАС, ДАЛИ ПЛАНИРАТЕ ДА ПОДНЕСЕТЕ ОСТАВКА ОД МОРАЛНИ ПРИЧИНИ?) Добро еве го коментирав тоа во однос на оставката, изјави Филипче.

И покрај фактот дека од модуларната болница стана пепел за само неколку минути, Филипче уверува дека таа и сите други биле направени по сите безбедносни стандарди и биле сигурни за пациентите. Но, во моменти додека јавноста бара одговори која е причината за трагедијата во Тетово, одговор од министерот немаше. Единствено што во повеќе наврати на прес конференцијата беше кажано е дека ќе требало да почекаме да заврши истрагата.

-Мислам дека апсолутно, апсолутно може, како и што досега се користеа, и сега се прави истото, дека нема некаков ризик. Тоа е нешто што ќе го покаже истрагата, тоа е конструкцијата не е објект кој што колабирал од пожар, тоа треба да покаже анализата, изјави Филипче.

Идентичен став и од компанијата која е изведувач на модуларните болници. Велешката „Бракотврди дека немало никакви грешки при изградбата на објектот. Од компанијата велат дека техничкиот прием поминал по строги светски стандарди, а најголем дел од забелешките кои ги добиле биле од естетска природа.

-Забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, а кои се споменуваат од дел од медиумите, беа во најголем дел од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата, а уредно беа отстранети во зададениот рок а пред пуштање на болницата во употреба, велат од Брако.

Она што како проблем плус се откри по трагедијата, е дека во ковид центарот во Тетово постоеле посети за пациентите,односно прдидружба на ковид болните што е строго забрането. Па поради тоа природно дојде прашањето до Филипче, дали доколку тој не поднесува оставка, можеби ќе го разреши директорот на тетовската болница,  затоа што е надвор од сите протокли член на семејството да посети заразен од ковид 19.

-(Министре кажавте ќе имало анализа околу посетите во тетовската болница, меѓутоа тука имаме јасно прекршување на протоколите и правилата за заштита од ковид 19, така што не знам каква анализа е потребна, така што едноставно имаме прашање дали ќе побарате одговорност од директорот кој што ги прекршил ковид протоколите и ковид правилата?) Апсолутно никој нема да избегне одговорност, ниту јас ако тоа се утврди, има повеќе аспекти кои што се истражуваат кога сето тоа ќе се анализира, ќе излеземе со конечни ставови, изјави Филипче.

Додека кај нас никој не презема одговорност за пожарот со 14 жртви, примерите низ Европа и светот не се такви. Романскиот премиер Воктор Понта, во 2015 година поднесе оставка после пожар во ноќен клуб во Букурешт каде загинаа 32 лица.

Пожар во трговскиот центар „Зимска вишна“ во 2018-та, кој однесе 64 животи беше причина за повлекување на долгогодишниот гувернер на сибирската област Кемерево, Аман Тулеев. Поради пожарите во Грција истата година, оставки си поднесоа федералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Јанис Капакис, како и надлежниот министер за цивилна заштита на Грција.

Неодамна оставка поднесе и казахстанскиот министер за одбрана Нурлан Јермекбаев, откако во пожар и серија експлозии во магацин за оружје загинаа 15 војници и пожарникари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста