Владата ќе одмора, па од вторник ќе го решава скандалот во М-НАВ

Владата ќе одмора, па од вторник ќе го решава скандалот во М-НАВ

Над македонското небо имало неколку авиони, а дел слетувале, кога насилниците упаднеле објектот на македонска навигација. Тројанскиот коњ на агенцијата, Беким Неизири, кој се сомничи дека ги отворил портите, од изутрината е на распит во полициска станица. Покрај него, на информативен разговор беа и четири други лица, а по тројца, полицијата се уште трага. Дел од нив, се очекува да бидат изведени и пред судија на претходна постапка.

Денес во канцелариите на македонска навигација влегоа и инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство да ивршат вонреден надзор. Оттаму за Алфа велат дека утврдиле пропусти во делот на обезбедување на објектот.

  • „Во однос на обезбедувањето, евидентни се пропусти во почитување и реализација на процедурите за физичко обезбедување и контрола на пристап. По согледување и анализата на сите сознанија, од страна на АЦВ ќе биде изготвен план за корикетивни активности и ќе биде утврдена конкретна одговорност за непочитување на тие установени процедури, за обезбедување во М-НАВ“ Изјави за Алфа директорот на Агенција за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев.

Ова се случува по вчерашниот скандал, кога во зградата на М-НАВ упаднале членови на ДУИ од Чаир и физички нападнале дел од вработените во Контролата на летање. Поради овој инцедент, од Владата најавија дека ќе го разреши целото раководство на М-НАВ, откако пред само десетина дена, министерот за транспорт Благој Бочварски им додели благодарници. Од Владата соопштија дека премиерот Димитар Ковачевски, по консултации со министерката за одбрана и министерот за транспорт, побарал разрешување на директорите и членовите на Управниот одбор.

  • „Согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки:
    1. Целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени,
    2. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.“ – соопшти Владата.

Ковачевски, како што велат од Владата, ќе го повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење.

Од МВР пак велат дека во наредниот период полициски службеници континуирано ќе ја обезбедуваат зградата на Македонската навигација, што беше и барање на синдикатот на вработените во М-НАВ.

Додека пак од скопското Обвинителството ќе чекаат кривични пријави од МВР за вчерашниот упад.

  • „Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“, велат од скопското Обвинителство.

Инаку, вчера непосредно по прес-конференција на синдикатот пред просториите на М-НАВ, 8 насилници во две возила влегле во зградата и нападнале вработени од албанска етничка припадност.

Тие поминале низ 3 бариери на обезбедување – портата во дворот на М-НАВ, влезната врата во зградата каде што пристап имаат само тие што имаат електронска картичка, како и во контролната кула каде што нема можност за движење без придружба. Но, бандитите се движеле со Беким Неизири, претседател на огранокот на ДУИ од скопски Чаир. Тој е постојано вработен во Македонска навигација.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста