Недостиг на пожарникари и опрема во Скопје

Недостиг на пожарникари и опрема во Скопје

Со недостиг на кадар, стари и дотраени возила и опрема, македонските пожарникари секој ден ги ризикуваат животите справувајќи се со огнените стихии. Противпожарната бригада на Скопје во моментов брои 180 пожарникари, а само во 2023 година изгаснала околу 2.000 пожари.

Од почетокот на годинава имале 600 интервенции што е нетипично за овој период, a командирот на скопската Бригада, Ѕвонко Томевски, вели дека иако бригадата се соочува со недостиг на кадар и стара опрема, сепак успеваат да одговорат на повиците во град Скопје.

Дополнителен проблем е тоа што и дел од сегашните пожарникари во наредниот период заминуваат во пензија.

„Се надевам дека со новата централна власт ќе добиеме конечно согласност да вработиме нови пожарникари кои ни се неопходни за да ги извршуваме работните задачи. Мораме да бидеме подготвени за летниот период кој што не очекува, да можеме да одговориме на сите потреби. Возилата се во состојба и се подготвени секогаш да излезат на терен и да одговорат на потребите. Да, стари се, се обидуваме да ги одржуваме, во најдобра можна кондиција. Ние не сме добиле долг период, можам да кажам од 2011 година последното возило кое сме го добиле, од тие средства. И затоа очекувам во наредниот период да имаме разум и да ни се набават такви возила какви што ни се потребни, за да можеме да одговориме на потребите на Град Скопје и на државата“, рече Ѕвонко Томевски командир на скопската Бригада за противпожарна заштита.

Градоначалничката Данела Арсовска не ја гледа вината кај себе за лошата состојба во која се наоѓа противпожарната бригада која е под нејзина надлежност. Вели дека буџетот на Град Скопје, кој патем надминува 70 милиони евра годишно, не бил доволен за да се вложува во противпожарната заштита.

„Затоа што не сме доволно централизирани, обврската на тоа паѓа на централната власт да прелее средства, кој што би требало да бидат соодветно буџетирани за да може да се покрие ова што за нив е неопходно и тоа за жал еве гледате дека досега не било пракса нити во делот на обезбедување на физичките односно капацитетите од аспект на човечки ресурси за нашите пожарникари да имаат доволно можности односно моќ да можат да ги опслужат сите територии кои ги опфаќаат“, рече градоначалничката Арсовска.

Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.

Инаку на Денот на пожарникарите признанија и благодарници добија пожарникарите што изминатава година се истакнале, а изборот го направија нвините колеги.

Љубиша Владимиров


КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )