Шест евра по ископан кубик, скоро 50% поскапо од лани – ЕСМ со нов тендер тежок фантастични 14.7 милиони евра

Шест евра по ископан кубик, скоро 50% поскапо од лани – ЕСМ со нов тендер тежок фантастични 14.7 милиони евра

Нов договор од фантастични 14,7 милиони евра склучиле државните електрани за санација за свлечишта за потребите на ТЕЦ Осломеј.

Овој тендер го дибила фирмата Машинкоп од Кавадарци, која и пред една година била ангажирана за исти активности, но тогаш и биле исплатени 6,5 милиони евра.

Според договорот кој бил склучен на 26ти февруари, а е објавен денеска, Машинкоп има обврска во рок од 24 месеци да ископа 2,5 милиони кубни метри за што ќе биде платен по 5,88 евра за кубик.

  • „Подружница РЕК Осломеј се обврзува да му обезбеди на носителот на набавката услови за непречено извршување на работата предмет на овој договор…“ – Стои во дел од договорот со Машинкоп Кавадарци.

Инаку, на 3ти октомври 2022-та РЕК Осломеј со истата фирма склучил ваков договор, но тогаш со него било предвидено да се ископаат 1,5 милиони кубни метри за вкупна цена од 6,5 милиони евра, односно 4,3 евра по кубик.

Нема никакво објаснување зошто сега, на истата фирма за иста работа, и се плаќа речиси 50% поскапо.

Машинкоп од ЕСМ пред пет години има склучено договор и со РЕК Битола за ископ на јаглен и јаловина во вкупна вредност од 5,3 милиони евра.

Претходно, оваа компанија нема добиено поголеми ангажмани од државата. Според податоците од јавните набавки, тие пред да почнат да добиваат милионски договори од државните електрани, имале само уште три ситни тендери, во вредност од само 49 евра, до 38 илјади евра.

Тендерот од 14,7 милиони евра со Машинкоп е само последен во низата на предизборни јавни набавки на ЕСМ. Пред некоја недела склучија договор и за набавка луксузни возила вредни 2,3 милиони евра, а за ископ на јаглен во РЕК Битола беше доделен тендер од 46 милиони евра на Марковски компани, фирма која важи за исклучително блиска до актуелната власт.

Сомнителните тендери во ЕСМ не завршуваат тука – службеничка од макеоднски пошти доби бизнис вреден 7 милиони евра. Таа склучила три договори за набавака на адетиви за јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. А во сите тендери била единствен понудувач.

И додека ЕСМ служи за испумпување пари од државниот буџет, електро-енергетскиот систем е пред колапс. Зимава РЕК повеќе не работеше, отколку што работеше, еден од трите блокови постојано или беше расипан или во ремонт, а Макеоднија беше приморана да увезува скапа струја.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста