Пораките на Ѓорѓиев дека Бугарија не била фашистичка, ги зовре историчарите, писателите, режисерите, професорите

„Многу опасно по антифашизмот на Македонија од Втората светска војна е да се тврди дека Бугарија не била фашистичка земја“ „Од Македонија Бугарија не бидува, да престане играта со самобитноста на државава“ – вакви реакции предизвикаа ставовите на претседателот од македонската страна на историската комисија со Бугарија. Драги Ѓорѓиев ја збесна стручната фела кога изјави дека Бугарија не била фашистички окупатор – историчарите реагираат дека тој не само што не ја познава проблематиката, туку се прилагодува и омекнува кон бугарската страна.

Не академиче Ѓорѓиев, Бугарија не само што била фашистичка туку била нацифашистичка. Говорите за авторитарен режим на цар Борис, кој го суспендирал работењето на бугарското собрание но немала фашистичко уредување. Продолжувате и велите „постојат внатре условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава во структурите на владините тела – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Професорот Љубомир Цуцуловски прашува, зошто изјавата на Драги Ѓоргиев доаѓа по само еден ден откако министерот Бујар Османи им порача на историчарите да не се мешаат во политичките прашања:

Ако Бугарија не била фашистичка земја, туку само профашистичка, како што тврди Драги Ѓорѓиев, тогаш би било интересно да објасни во кое својство Царска Бугарија во декември 1941 година, непосредно после јапонскиот напад на Перл Харбур, им објавува војна на Обединетото Краство и САД. Дали на овие земји профашистичка Бугарија им објавува војна како на фашистичи земји (ова би било епохално историско откритие) или како на дел од големата антифашистичка алијанса? – прашува филозофот Љубомир Цуцуловски.

Ставовите на Ѓорѓиев се неприфатливи и за писателот Томислав Османли.

Нашата волја за евроасоцирање останува отворена. И толку веќе. Тие треба да ни го испорачаат одамна заслуженото не да отвораат нови, бескрајни хипокритски игри и да ја тераат нашата врхушка на самоуништувачки отстапки по диктат на својот конзервативизам и на бугарскиот шовинизам – пишува писателот и критичар Томислав Османли.

Дека Драги Ѓорѓиев ја ревидирал македонската историја реагира и историчарот Наум Пановски.

„Тој е или некомпетентен историчар или намерно ја урива Македонија или пак разговорите ги води во свое име, а не во име на македонскиот народ – пишува критичарот Наум Пановски.

Историчарот Александар Литовски претходно алармираше дека допрва ќе имаме проблеми и не изненадува ваквиот бугарски однос бидејќи Бугарија води политика на антимакедонизмор веќе еден век.

Мешовитата историска комисија требаше да донесе решение за македонско-бугарскиот спор, но наместо тоа, донесе несогласувања па дури и гнев кај македонските историчари кои алармираат дека Бугарија тера хипокритски игри, а Македонија прави самоуништувачки отстапки.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста