Ивановски за Алфа: Растот на минималецот е добар, но стравувам дека тоа ќе доведе до нови отпуштања

Никој не се противи на поголем минималец и раст на сите плати, но експертите предупредуваат дека тоа не треба да се прави со административна одлука и со субвенции од државниот буџет. На овој начин од една страна може да дојде до зголемување на јавниот долг, а од друга до подгревање на инфлацијата која веќе излегува од контрола. На овој начин, зголемувањето ќе биде „изедено“ од повисоките цени.

Субвенционирање на минималната плата, преземање на парното греење, најава за можно одложување на долгот на ЕВН кон ЕСМ. Низа популистички мерки на Владата за само еден месец. Економистите предупредуваат – државниот буџет и сега е преоптоварен, а Македонија веќе е во црвената зона во однос на задолжувањето.

  • Откако минималната плата доби зелено светло од сите засегнати страни, јас како економист стравувам дека тоа може да доведе до нови отпуштања на работниците, како и дополнително оптоварување на државниот буџет. Според анализите до сега, растот на минималецот од 15.000 на 18.000 денари може дополнително да ја подгрее инфлацијата, која периодов зема се поголем замав, ако се суди по скапотијата која удри на се, вели за Алфа економистот и универзитетски професоер, Зоран Ивановски.

Никој не се противи на повисоки плати, но тие треба да одат паралелно со зголемување на продуктивноста, објаснуваат економстите. Административното зголемување само ќе ја подгрее и онака високата инфлација и на крајот нема да го има посакуваниот ефект.

Договорот директно опфаќа околу 80.000 граѓани кои земаат минимална плата, а како што рече премиерот Димитар Ковачевски, во најголем дел станува збор за вработени во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии. Според договорот, за да може работниците да добијат поголема минимална плата, ќе помага и државата со тоа што ќе ја покрива разликата во придонесите.

Во моментов минималната плата изнесува 15.200 денари, а со новиот договор меѓу Владата, Синдикатите и работодавчите, од мартовската плата ќе изнесува 18.000 денари, односно ќе се зголеми за 2.800 денари. Државата се обврза повисоките суми на придонесите да ги покрие директно од буџетот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста