Почна кампањата за парламентарните избори

Почна кампањата за парламентарните избори

Македонија повторно твоја, со оваа парола ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бара довербата од граѓаните на парламентарните избори на осми мај. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски од Охирд вети дека следната Влада, која ќе ја формира неговата партија ќе ги исполни сите ветени проекти, но и дополнителни кои не се запишани во програмата.

-Ние нема да бидеме Влада само онаму каде што има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и колицијата, туку сакаме да бидеме Влада за сите граѓани и да покажеме дека не се сите политичари исти и да покажеме дека немаме намера да ги делиме граѓаните, како што тоа го правеше сегашната Влада. Исто така еден од приоритетите е и конечно завршување на автопатот Кичево- Охрид. Според нашата анализа тоа би било некаде во 2026-тата година, изјави Мицкоски.

Со паролата „Нема откажување од иднината“ кампањата ја започна и СДСМ. Димитар Ковачевски од Музејот на современата уметност во Скопје пред партиските функционери, ги повтори ветувањата дадени повеќе пати, како повисоки плати, пензии и членство на Македонија во ЕУ до 2030-та. Говореше и за грешките кои ги направила власта и ги разбирал граѓаните кои биле разочарани.

-Свесни сме дека направивме и голем број грешки и преземам одговорност за тоа. Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупијата, од самоволието, од неработењето, од злоупотребите на дел од политичарите. И да граѓаните се во право, имаат право да се чувствуваат така и ги прифаќам нивните критики за направените грешки, изјави Ковачевски.

Али Ахмети од Скопје вети промена на Уставот, а покрај внесување на Бугарите, најави и избор на претседател на државата во Собранието.

-ДУИ направи суштинска анализа и со своите раководни тела и со претставниците на Европскиот фронт. Нашата земја треба да се стреми кон мир со сите земји од регионот , да се стреми кон промена на Уставот и инкорпорирањето на малите заедници кои живеат во оваа земја како уставна категорија, изјави Ахмети.

Од плоштадот Скендербег во кампања влезе и здружената албанска опозиција „Вреди“. Тие ветуваат економски мерки за граѓаните на Македонија и испраќање на ДУИ во опозиција.

-На оние кои ја држеа власта преку поделби им дојде крајот. Нашата победа ќе донесе големи промени за општеството, особено за Албанците во Македонија. Една од економските мерки што ќе се преземе е враќање на државните претпријатија во рацете на граѓаните, изјави Изет Меџити.

Од Куманово кампањата ја стартуваше ЗНАМ на Максим Димитриевски. Претседателот на партијата порача дека за разлика од другите тие ветувале само реални проекти.

-Во период на избори сите ветуваат, но едно знам, дека ние од ЗНАМ тоа што го ветуваме тоа го исполнуваме. Тоа го покажува токму нашиот пример на менаџирање во Куманово. За нас се уште зборот е збор, изјави Димитриевски.

Другите аспиранти за влез во Собранието немаат дневни активности. Левица ќе започне вечерва со митинг во Велес. Коалицијата на ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите преку социјалните мрежи ветува помали донаци, за повеќе домашни и странски инвестиции и богата и просперитетна држава. Родина во сабота ќе ја промовира својата програма во Скопје. Нова Алтернатива нема никаква објава на социјалните мрежи. Другите аспиранти за влез во Собранието, немаат агенда за активности.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста