Палчо во замена за „Ѓуленистите“ – Постои ли сериозна опасност Турција да ја условува Македонија?

Палчо во замена за „Ѓуленистите“ – Постои ли сериозна опасност Турција да ја условува Македонија?

Постои ли можност Турција да ја условува Македонија и за брзо испорачување на осомничениот убиец Палчо, за возврат да бара екстрадиција на таканаречените „Ѓуленисти„, кои се во нашата земја. Нема податоци дали се уште ги има во Македонија, колку се и дали Турција уште инсистира тие да бидат испорачани. Дека вакви услови имало често во минатото говори и признанието на претседателот Стево Пендаровски, кој потсетува на случајот со ратификацијата на договорот за прием на Македонија во НАТО.

„Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и во 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица нешто конкретно. Иако во тоа време нашето МНР даде дециден одговор дека значаен дел од тие лица не се на наша територија, а за другите до таа бројка од 15 побара дополнителнн аргументи дека станува збор за припадници на терористичка акција“, вели во Интервју за „360“, претседателот Стефо Пендаровски.

Можеби токму затоа Пендаровски најави дека размислува лично да му се обрати на Ердоган со барање за побрза екстрадиција на Палчо, затоа што би било невообичаено да очекува директно мешање на турскиот претседател во одлуките на нивниот правосуден систем. За екстрадицијата треба да решава и цени докази високиот суд во Турција, па потоа членовите на министерскиот совет и на крајот министерот за правда.

Сепак, претседателот тврди дека според информациите што ги има од разузнавачки карактер, голем број на ѓуленисти не се повеќе во земјава. Но, признава дека турските власти по различни поводи го кревале ова прашање.

„Досега тоа не било покренато на ниедно ниво, инаку нема потреба да имате ваков случај за тоа прашање да се покрене. Турските власти знаеја во тој период и по други поводи да го покренуваат. До овој момент до мене не е дојдено такво барање“, вели во Интервју за „360“, претседателот Стефо Пендаровски.

Иако пред две години официјална Анкара побара од македонските власти да депортира и екстрадира 86 приврзаници на групата ФЕТО, која за Турција претставува терористичка организација, од Министерството за правда велат дека такво нешто не постои. Во 2021, според нивните статистики побарани се 17 екстрадиции од Турција и ниту едно не било одбиено, но не наведуваат дали овие луѓе имаат врска со ФЕТО.

Пендаровски и Министерството за правда се на иста линија дека ѓуленистите ја напуштиле земјава и Анкара не ги побарала 86-те припадници на организацијата ФЕТА. Сепак државната турска новинска агенција „Анадолија“ обележа низа институции, организациии и фирми во Македонија кои според нив се управувани од ѓуленисти. Турците прстот го вперија во училиштето Јахја Кемал во Тафталиџе како и медиумот „Заман Македонија“, кои се уште се активни и слободно функционираат во земјава.

Без разлика дали во Македонија има или нема ѓуленисти, според статистиката на Министерството за правда, земјава има лошо искуство со есктрадиции од Турција. Во последниве 5 години, Турција ни испорачала шестмина осомничени, а одбила екстрадиција за седуммина. Исто така во последните 5 години за преку 20-мина осомничени постапката за екстрадиција со Турција не е завршена, а за повеќе од триесет, Македонија чека нивна испорака повеќе и од 5 години.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста