Обвинителството во трка со времето за да ги обезбеди клучните докази против Палевски

Обвинителството во трка со времето за да ги обезбеди клучните докази против Палевски

Дали пукал Љупчо Палевски Палчо во малата Вања треба да покажат резултатите од ДНК анализите и трагите од барут и крв пронајдени во материјали земени од него, односно работата треба да ја завршат турските истражни органи. Приведените осомничени ја кажаа локацијата на закопаните тела и Палчо го посочија како убиец, но крунскиот материјален доказ лежи во ДНК анализите и трагите, за кои ОЈО само испратило барање да се обезбедат. Но, што досега е направено во Турција, од обвинителство немаат одговор.

Основното јавно обвинителство Скопје, по лишувањето од слобода на осомничениот во Република Турција, преку каналите за меѓународна соработка упати барање до турските власти да се обезбеди комплетен дактилоскопски и ДНК материјал од осомничениот, вeлат од ОЈО.

Дали турските власти постапиле и доказите се обезбедени, засега останува енигма бидејќи обвинителството не дава одговор дали стапиле во контакт со колегите и доказите им се обезбедени.

Имено, екстрадицијата на Палевски можеби ќе трае месеци, а тоа го потврди и Министерството со правда. Не само министерството, туку и стручната јавност смета дека екстрадицијата може да потрае повеќе од она што јавноста очекува. Дотогаш сите истражни дејствија клучни за постапката треба да бидат на време преземени, а обвинението без нив ќе остане само на усното посочување од осомничената банда кон Палевски.

Доколку јавен обвинител не заминал за Турција да се увери во собирањето на докази, постапката останува да виси согласно волјата на тамошните органи.

Обвинителството засега тврди дека поседува материјални докази кои ги потврдуваат исказите на осомничените, а резултатите на истрагата на МВР водат кон првоосомничениот Палевски

Според нашите истражни органи, Палчо на 22 –ри минатиот месец пукал и го усмртил велешанецот Жежовски, а сведоци биле сега приведените негови сопартијци. Потоа со цитроенот на Жежовски, групата ја киднапирала малата Вања среде бел ден во френкфентното Дебар Маало, ја возеле низ Визбегово и Палчо пукал во неа близу селото Бразда, раскажувале неговите помагачите.

Кој пукал, кој возел, кој ја грабнал и кој давал информации? Сето ова треба да биде опфатено во обвинението за да може да му се суди на Палевски. Досега според информациите познати на јавноста, очигледно на обвинителството му е најтешко да дојде до мотивот. Зошто Панче, а уште понелогично е, зошто Вања се жртви на Палчо.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста