Груби повторно се мајтапи со институциите
Артан Груби го крие имотот од Антикорупциската комисија. Иако барале од него да достави имотна состојба, првиот вицепремиер наоѓал начин да не го испочитува барањето, открива првиот антикорупционер Билјана Ивановска. Овој предмет се отвори откако беше запалено возилото кое го возеше Груби, за кое тој тврдеше дека му било дадено на користење од пријател. Првиот вицепремиер наместо документи, доставил повратно барање да му се обратат двојазично.
- „За него работиме проверка на имотна состојба, му бараме кој живее во неговото семејство, кажува не сте ми доставиле двојазично. Бараме од друг функционер на ДУИ исто така се проверува имотна состојба, јасно и гласно си пишува човекот, еве ги моите членови. Кога некој сака да прави проблем, секако ќе прави проблем. Ние ќе ги обелодениме сите работи кои што биле поврзани со институцијата која тој ја раководел, кога сме побарале документи, каков одговор сме добиле, дали сме добиле одговор, како ние сме постапиле. За се имаме документи, така што јавноста нека си цени“, вели Ивановска во интервју за А1он.мк.
Груби и во својство на прв човек на министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не ја испочитувал Антикорупциската комисија. Тој не сакал да достави документи од Министерството на проверка кај антикорупционерите, бидејќи барањето не било двојазично.
- „Ние работиме еден предмет поврзан со министерството за политички систем. Бараме инфомрации од ова министерство од него. Фактички предметот содржи повеќегодишна анализа како се движи еден тренд во државата, на вработување особено. Од ова министерство бараме инфомрации, не ни ги доставува, на не изигрува на некој начин, не ни било писмото двојазично, па не знам, од небитни работи сака да направи дека нешто не се испочитувало. Ете, му доставивме и двојазично писмо. Сакам да кажам, кога некој прави проблем, ќе го прави секаде каде што има..“ вели Ивановска.
Груби со спротивен став од Ивановска. Паушални биле обвинувањата, доцна попладнево одговара на прашањето на Алфа, карактеристично како што вели за неуспешно претседавање со ДКСК.
- „ДКСК постапува незаконски, прикривајќи го тоа, спинуваат лажно и срамно дека јас прикривам нешто. Срамно си заминуваат во историјата! Нема ниту една промена во мојата имотна состојба , ниту на семејството, од тоа што е пријавено во анкетниот лист” вели вицепремиерот Груби за Алфа.
Јавноста во минатото беше сведок на преписки помеѓу вицепремиерот и ДКСК, но и изјава на Груби во која рече дека „не ги бива“и дека нема да соработува со овој состав на комисијата, бидејќи јавно алармирале за работењето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој заврши на американската црна листа.
Груби нема чисто досие пред антикорупционерите. Во минатото, тие со докази доставија претставки до Владата дека првиот вицепремиер ги користел службените простории како штаб на ДУИ, а ги злоупотребувал и службените возила во партиски цели.