Меџити и обвинителството во клинч за онкологија, анкетната комисија продолжува со работа

Меџити и обвинителството во клинч за онкологија, анкетната комисија продолжува со работа

Меџити и Обвинителството во клинч за скандалот на Онкологија. Министерот за здравство побара Обвинителството да излезе со име и презиме за случајот со препродажба на цитостатици, од таму експресно му возвратија политичарите да се воздржат од злоупотребата на настанот во политички цели.

  • „Повикувам уште еднаш, апелирам за случајот со Клиниката за онкологија, крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме зошто овој костум, оваа кравата ме гушат. Да ви кажам дека ми прилега белиот мантил и од првиот ден ви кажав дека не претпочитам да бидам политичар од некоја партија, туку ќе бидам лекар и тоа и ќе останам и заедно со моите колеги и заедно со вас ќе ги подобриме работите “, рече министерот Меџити.

Обвинителството речиси два месеци истражува и не открива детали од истрагата, иако јавноста инситира да биде транспарентно бидејќи станува збор за човечки животи. Во одговорот до Меџити само повторуваат дека работеле темелно и одговорно.

  • „Јавното обвинителство води предистражна постапка и не постапува по барања на други лица. Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да наштети на постапката. Јавните обвинители работат темелно и одговорно, почитувајќи ги сите законски рокови. Јавното обвинителство апелира политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели.“ – Соопштуваат од ОЈО.

Во меѓувреме на барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Анкетната комисија за скандалот на Онкологија ќе продолжи со работа уште 30 дена. Досега се сослушани повеќе од 50 лица, поранешни и сегашни министри и заменици, директори, раководители на сектори, вработени во Министерство за здравство, Фондост за здравство, МАЛМЕД, Државен здравствен инспекторат, како и од клиниката за радиотерапија и онкологија.

  • „Во процесот на сослушувањето на овие лица се појавија нови и важни факти и околности за Анкетната комисија кои што можат да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби како основ за утврдување на политичка одговорност. Дополнително, во текот на изминатите денови беа објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои може да се заклучи дека станува збор за основани сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“, рече пратеничката Мизрахи.

Следната седница на Анкетната комисија за онкологија според најавите ќе се одржи во понеделник.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста