Анализа: Сите земји од ЗБ се подобри од Македонија во судството, во корупцијата делиме иста судбина само со БиХ

Анализа: Сите земји од ЗБ се подобри од Македонија во судството, во корупцијата делиме иста судбина само со БиХ

Косово, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина – сите земји од регионот се подобри од Македонија во делот на судството и владеење на правото. Препораките на ЕУ дека реформите се неопходни изгледа не важат само за нас. Судбината за катастрофалните резултати во борбата против корупцијата, пак, ја делиме само со Босна и Херцеговина. Србија, Црна Гора, Албанија и Косово годинава покажале резултати.

По носењето на Законот за Високиот судски и обвинителски совет кој ќе биде механизам за проверка на имотните листови на судиите и обвинителите, кај Босна и Херцеговина е забележана подготовка за реформи во судството.

  • Босна и Херцеговина е во рана фаза на подготовка во однос на своето судство. Постигнат е напредок во оваа област“ се вели во Извештајот на ЕК за БиХ.  

Србија направи важен чекор кон зајакнување на независноста и отчетноста на судството.

  • Србија има одредено ниво на подготовка кога е во прашање нејзиниот правосуден систем. Генерално постигнат е напредок во текот на извештајниот период“ стои во Извештајот на ЕК за Србија.

Ограничен напредок за применување на правото на ЕУ и европските стандарди забележан е и кај Црна Гора,но се уште нема напредок во владеење на правото. Албанија пак, е најдобра од земјите во регионот. Во Извештајот стои дека има добар напредок во целина.

  • Спроведувањето на реформите во правосудството продолжи, што резултираше со добар напредок во целина. Во Уставниот суд се именувани девет судии, новиот обвинител пак е избран по здрав процес“ се вели во Извештајот на ЕК за Албанија.

Тоа што Албанија има подобри резултати од Македонија, значи уште една опомена. Доколку не покажеме дека сериозно се залагаме за реформите, нема да биде изненадување ако патот со Албанија ни се одвои.

И Косово не доби лоши оценки. Имало подобрување,најмногу поради продуктивните судски рочишта и добрата регрутација на судиите и обвинителите.

Македонија и Босна и Херцеговина имаат исти резултати во борбата протув корупцијата – не е постигнат никаков напредок а таа продолжува да биде распространета во многу области.  Кај нас дополнителен проблем е што се одложуваат судењата на случаите со корупција на високо ниво, и многу од нив застаруваат. Измените во КЗ, до толку повеќе го продлабочија овој проблем. Србија, Црна Гора, Косово и Албанија имаат одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата. Србија има преземено чекори со цел понатамошно спроведување на препораките на ГРЕКО (Група држави против корупцијата) а Косово доби пофалби за минатогодишната антикорупциска легислатива, која се очекува да даде резултати, иако, за сега, корупцијата останува загрижувачко прашање.

Редицата пред чекалната на најголемиот трговски блок  ќе се измести по декемврискиот самит. Тогаш ќе се одлучува по препораките на ЕК – Украина и Молдавија да почнат преговори за членство, а Грузија да добие кандидатски статус.  Извештаите од оваа година покажаа дека сите три земји имаат одреден напредок во борбата против корупцијата.

Доколку нешто драстично не се промени и тоа бргу, Македонија ризикува да биде последниот вагон од европскиот воз, да остане дури и зад Косово чија државност не е до крај признеана и зад Украина во која се води војна.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста