Горан Ангелов Ќосето за Алфа: Ако љубовта кон Македонија е тероризам, тогаш прифаќам да бидам терорист

Горан Ангелов Ќосето за Алфа: Ако љубовта кон Македонија е тероризам, тогаш прифаќам да бидам терорист

-Се што имам сторено имам сторено од патриотски прични и ако е терорист човек кој што си ја сака државата, човек што војувал во 2001-ва, бев во Лавовите и многу други работи сум направил за државата. И ако човек кој влегол без оружје, без никакво насилство во Собранието, тогаш нека бидам терорист, вели Горан Ангелов на прашањето дали се чувствува како терорист.

Ако љубовта кон Македонија е тероризам, тогаш прифаќам да бидам терорист, вели пред камерата на Алфа, Горан Ангелов Ќосето од Велес, кој во моментов имаше неколу слободни дена и излезе од затвор да се види со своето семејство. Тој за собраниските настани првостепено беше осуден на 12 години казна затвор, која од Апелација може да се каже симболично беше намалена за само 12 месеци. Веќе седма година Ангелов ја минува низ затворите во Македонија. Почетокот е во Шутка, потоа Идризово и Штип и сега во моментов во Прилеп.

Сепак, вели за неговата субдина не му е најтешко нему, туку на неговото семејство, посебно трите деца. Токму тие вели Ангелов, доживувале вистински пекол во периодот кога дури три пати бил приведуван од својот дом за собраниските настани. Прво за случајот кој доби квалификација насилство, потоа за Зијадин Села и на крајот терористичкото загрозување на уставниот поредок за кое што доби и пресуда. Посебно стресно за неговите три деца било третото апсење

-Сите три пати ми ги земаа телефоните, на децата компјутерите од дома, се што имавме електронски направи, телефони, се ни беше одземено, до ден денес ништо не ми е вратено од тоа. Децата мали беа уште кога им ги земаа телефоните, од раце им ги земаа телефоните, во 5 сабајле влегоа специјалци, со џипови, со борни коли не носеа, судење спектакл, терористи. Истата рута што беше користена за Диво Насеље, така и за нас истото беше процедурата, вели Ангелов.

Кога семејството е во прашање на Ангелов најтешко му паѓа фактот што неговите деца го немале својот татко во периодот кога најмногу им бил потребен, во периодот на нивното растење и развој.

-Тешко е. Децата пораснаа, ги оставив волкацки, сега се поголеми од мене, многу тешко. (Дали со нив раговарате како им е нив?) Сум разговарал, ама не знам што да ти кажам, навикнати се више децата, паметни се децата, не знам што да кажам, тешко им е нив. Татко ти е терорист, знаеш они беа деца, петто одделение беа и седмо, сега се деветто и втора година, имаат последици, нормално дека имаат последици децата, вели Ангелов. 

Пред камерата на Алфа говореше и за условите во затворите, кои што ги оцени за и повеќе од катастрофални, особено во Шутка. Таму поради дупките на таванот, по секој дожд легнувал во мокар кревет, а на исто место вршел нужда и пиел вода.

-Тешко поминавме многу во Шутка, бев од почеток до крај во Ц14 соба, мислам сите што лежеле во Шутка ја знаат таа соба каква е. Не би сакал да се навраќам на тие спомени, не дека сега е полесно, малку се подобри условите каде што сме во Прилеп, али беше репресија и малтетитрање нон стоп, вели Ќосето.

Не е изненаден што осудените за 27-ми април не се опфатени со новиот закон за амнестија, вели тоа и го очекувале, бидејќи веќе еднаш виделе ваков тип на неправда, кога беа амнестирани дел од тогаш обвинетите, меѓу кои и пратеници кои гласаа за промена на името на државата. Тогаш беше ослободен и Крсто Мукоски, кој ги отвори вратите од законодавниот дом, дејствие без кое воопшто немаше да го има ова дело.

-Уште тогаш кога ги амнестираа ние бевме отфрлени секако, се чувствуваш како граѓанин од трет ред, исто и сега е така, ние не бараме амнестија, бараме правда значи бараме правда за случајов, вели Ангелов.

Пред нашата камера говореа и дел од најблиските пријаели на Горан. Велат за него може да се каже се, да му се даде секаква етикета, но дека е терорист во никој случај.

-Горан може се да биде само не може да биде терорист, човек што си ја брани, што си ја сака државата, што си ја сака својата мајка Македонија, не може да биде терорист, тој може да биде само патриот. Ако патриотите се терористи, тогаш сите сме терористи да знаете, не само Горан Ангелов, вели Цветко Станојковски, пријател на Ангелов.

-Голем срам за судството, дали овој човек заслужува да биде терорист, јас лично го познавам него од дете. Сета оваа казна што му се става на терет не е праведна, вели Велче Црвенов, пријател на Ангелов.

Ангелов како ретко кога последниве седум години имаше можност неколку дена да мине со семејството и своите најблиски, согласно законски предвидените денови кои може да ги мине надвор од затворот. На првите денови слобода и можност да мине повеќе време со најблиските чекал цели пет и пол години.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста