По низата скандали интерпелацијата на Спасовски дојде на дневен ред, Маричиќ и Николовски се спасија

По низата скандали кои беа објавени за работата на МВР, интерпелацијата за министерот Оливер Спасовски, конечно дојде на дневен ред во Собранието, но тешко дека ќе се дискутира и гласа деновиве, со оглед на тоа што е дури 30-та точка на 39-тата собраниска седница.

Оваа интерпелација се совпаѓа со периодот кога опозицијата ги објави аферите „Мафија“ и „Мафија 2“. Првата за давање македонски лични документи со лажни имиња на регионални, европски и светски познати криминалци и наркобосови. Втората пак со доделување на 20.000 дупликат матични броеви на македонски граѓани.

Откако опозицијата ја објави првата скандалозна афера, Спасовски излезе на прес да соопшти дека полицијата две години работела оваа акција, но и ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека извршиле саботажа на истата.

-За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и јавното обвинителство, одговорност мора да има. Уште еднаш посочувам јас сум на чело на Министерството за внатрешни работи, нема да застанеме зад ваквите обиди за заштита на криминалот, туку како сега така и во иднина продолжуваме со бескомпромисната борба и пресметка со криминалците, изјави Спасовски на шести април.

Една од аферите која му стои над главата на Спасовски е и Планина, акцијата која ја спроведе МВР за трговија со дрога, но каде што беа уапсени само препродавачите, а наркобосовите се уште се во бегство. Тие денови беа објавени фотографии на кои јасно се гледа министерот со лица кои во подземјето важат за познати наркобосови, сепак за Спасовски фотографиите биле шпекулации.

-(Ви извадија слики сте се сликале со луѓето на Инфтар, па тука имате прашање од 15 советници толку ли нема човек кој ќе ве посоветува со кого седите?) – Не, ама ова е шпекулација. Вие шпекулирате само, и тоа го спекулираат одредени медиуми други. Значи јас сакам   да покажете кој е тој што е осомничен, за кого се води истрагата и кој е криминалец. Лесно е да земете слика и да кажете да овде седат криминалци, рече Спасовски на трети април.

Покрај интерпелацијата за Спасовски, опозицијата поднесе интерпелации и за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ. Но, тие не беа ставени на дневен ред на 39-тата седница, со образложение на собранискиот спикер дека биле дел од 36-тата, на која со договор на сите партии беа тргнати сите други точки, освен оние за петтиот сет економски мерки. Од опозицијата велат ова било доказ дека самоволието на ДУИ и СДСМ во Собранието продолжува.

-Побаравме на денешната Седница да се стават на Дневен ред интерпелациите за Љупчо Николоски и Бојан Маричиќ. Граѓаните секојдневно се сведоци за зголемен степен на корупција. Граѓаните секојдневно гледаат дека нема ниту еден чекор насочен кон реформа на правосудството. Тоа го нотираат и сите релевантни меѓународни институции. Затоа, потребно е час поскоро да се отвори Седница за одгворност токму на министрите кои се надлежни во овие две области, изјави Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Интерпелацијата против министерот Спасовски ја поднесоа пратениците на Алијанса за Албанците и Алтернатива, а поддршка за истата најавија дека ќе дадат и сите други опозициски пратеници.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста