Новата Влада се очекува до 20 јуни, веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО- ДПМНЕ, „ВРЕДИ“ и „ЗНАМ“
Нов удар за ДУИ и коалицијата – силата во парламентот им се намали за еден пратенички мандат кој го доби „Вреди“. По прегласувањето во шестата изборна единица на местото од Фатмире Исаки која е претставник на ДПА во коалицијата на „Европскиот Фронт“ предводен од Интегративците, влегува Имрлије Салиу Фетаи од „ Вреди“.
Пресвртот на гласовите го донесе изборот на едно избирачко место во Желино.
До петок до 19 часот тече рокот за жалби за прегласувањето, по што овие резултати треба да станат конечни.
Во шестата изборна единица која е најзначајна за албанскиот политички блок ДУИ и ВРЕДИ сега имаат ист број пратеници – по осум.
На државно ниво ДУИ го изгуби приматот на најголема опозициска сила и со 18 мандати е изедначена со СДСМ.
Вреди се искачи од 13 на 14 пратенички мандати и со нив влегува во конечните преговори за формирање на Влада со ВМРО-ДПМНЕ, во која најверојатно ќе биде вклучена и партијата ЗНАМ.
Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ, напиша Милошоски
Од движењето „ ЗНАМ “ информираа дека досега со ВМРО-ДПМНЕ немале преговори за формирање на Влада, а нивниот став е дека ќе преговараат ако биле поканети, а до тогаш нема да излегуваат со информации.
Ако бидеме повикани на преговори, ќе преговараме, доколку не, нема да инсистираме. Ќе дејствуваме според нашата политичка програма која јасно ја презентиравме во изминатите месеци
Таравари пак кажа дека во следните 24 – 48 часа сигурно ќе биде објавено за договорот меѓу ВМРО – ДПМНЕ и Вреди и финалната распределба на ресори.
Конститутивната седница на новото Собрание е веќе закажана за вторник, 28 мај, во 11 часот. По традиција, до изборот на нов претседател на Законодавниот дом ќе ја води највозрасниот пратеник, во овој состав тоа е Мерита Колчи Коџаџаку.