Џеннет Велиу: Врз мене се врши тортура, мобинг и обид за физички напад од шефот на кабинет на министерот Бајрами,  затоа што бев дел од тимот на Азир Алиу

Џеннет Велиу: Врз мене се врши тортура, мобинг и обид за физички напад од шефот на кабинет на министерот Бајрами,  затоа што бев дел од тимот на Азир Алиу

Трпам мобинг и психичка тортура од тимот на министерот Наим Бајрами, само затоа штом бев во кабинетот на неговиот претходник Азир Алиу, вели пред камерата на ТВ Алфа, Џеннет Велиу, вработена во министерството за информатичко општество и администрација. Велиу вели дека шефот на сегашниот министерски кабинет, Икмет Селмани, врши тортура и мобинг врз неа, па дури и физички се обидел да ја нападне.

  • „Од кога е назначен како министер на МИОА Наим Бајрами, од страна на неговиот шеф на кабинет, Икмет Селмани, само заради тоа што бев дел од претходниот кабинет, на министерот Азир Алиу, врз мене се извршува невидена тортура, иживување, понижување, мобинг, па дури стигна и до обид за физички напад и тоа пред очите на министерот, во неговиот кабинет“ – Изјави Џеннет Велиу, вработена во МИОА

Велиу обезбедила и лекарски извештаи, во кои, вели, јасно стојат здравствените проблеми предизвикани поради стрес на работното место. Побарала помош од разни институции и организации, како што е Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител, Агенцијата за администрација и Хелсиншкиот комитет.

  • „Бев да се пожалам кај министерот за истото, министерот ми кажа дека ќе разговара со неговиот шеф на кабинет, за подоцна, по 2/3 минути, да ми се јави шефот на кабинет, да ме повика кај него во канцеларија, да почне да ми се дере. Буквално, да удира на биро, да вика врз мене, да ме понижува, да кажува дека јас сум никоја и ништо, дека Азир веќе не е тука. Да го заборавам кабинетот, да го заборавам министерството.“

Шефот на кабинет пак, Икмет Селмани, негира дека вршел мобинг. Тој во телефонски разгвоор за ТВ Алфа, вели дека Џеннет се обидува да се претстави како жртва, додека пак како официјален одговор, ни го испрати дописот што како одговор му го испратиле на народниот правобранител.

  • „Вработената без одобрение и најава влезе во канцеларијата на министерот каде што шефот на кабинетот по насоки на министерот побара од вработената да ја напушти просторијата додека не се создадат услови за мирно решавање на настанатата ситуација. Но на дрзок и непристоен начин, вработената ја затвори вратата од кабинетот на министерот со силен тресок и замина од просториите. “ – Пишува во одговорот на народниот правобранител од МИОА.

Велиу вели се обидела да му објасни на министерот Бајрами што и се случува, но поминала неславно. Наместо разбирање, според Велиу, таа била пријавена во полиција, и тоа како напаѓач на министерот, по што заработила и  дисциплинска пријава. Добила и казна на платата, со образложение дека не најавила оти ќе влезе во министерскиот кабинет. Велиу смета дека е жртва на политички притисок од Бајрами и неговиот тим, бидејќи не сакала  да оддава информации во врска со претходниот министер Алиу, за што постојано била предупредувана и прашувана.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста