Наумовски: Доколку се зајакне партијата на десниот центар во ЕУ, односно ЕПП, може да очекуваме дополнителен ентузијазам за проширувањето
Прогнозите за престојните избори во ЕУ одат во позитивна насока на европската десница, иако не помали се очекувањата и за екстремните десничари. Доколку мерењата на пулсот на европските граѓани завршат на контото на центарот на десницата, тогаш и Македонија можно е да добие попозитивни сигнали во однос на проширувањето од самата ЕУ, со оглед и на промената на власта дома.
- „Доколку се анализира историјата на ЕУ и историјата на проширувањето на Унијата, може да се забележи дека секогаш, кога доминирале десничарските партии во самата ЕУ, проширувањето било повисоко на агендата. Тоа можеби е најевидентно со проширувањето на од централна и источна Европа, кога доминираа партиите од десницата и во ЕУ и во државите кои тогаш пристапуваа во ЕУ. Може да се претпостави дека доколку се зајакне партијата на десниот центар во ЕУ, односно ЕПП(Европска народна партија), можеме да очекуваме еден деолнителен ентузијазам за проширувањето и имајќи предвид дека и во Македонија ќе имаме една партија на десниот центар која што има еден добри врски со партиите од ЕПП, кои што ќе доминираат во европските институции дека би имале една поповолна атмосфера за пристапување на Македонија во ЕУ. Треба да имаме предвид и дека на овие избори ќе има раст и на екстремната десница која понекогаш не е на истите ставови со центарот на десницата и ќе треба да се направи еден внимателен баланс“…анализира Васко Наумовски – Универзитетски професор, поранешен амбасадор..
Иако сите пораки од Европската Унија се исполнување на обврските кои ги преземале македонските власти, професорот Наумовски остава простор новата европска политичка сила да донесе промени во самата Унија, но истовремено нашата дипломатија да ги врати уништените официјални релации Скопје – Софија.
- „Можеме да детектираме 4 значајни аспекти во однос на ова прашање: Имено прво тоа се резултатите и од европските избори и резултатите од некои од државите членки, и како тие ќе влијаат на процесот на проширувањето. Второ, резултатите од изборите во Бугарија и начинот на кој таа влада ќе се однесува кон ова прашање, трет аспект е претседателството на Унгарија со Унијата, која е пријателска земја на Македонија и партијата од која што е предводена која има исклучително блиски односи со ВМРО-ДПМНЕ, нашата идна владејчка партија и четврто: како нашата дипломатија ќе успее да ги претстави нашите аргументи пред нашите пријатели од државите членки на ЕУ, пред самата Европската Унија и европските институции, и каков ќе биде односот со бугарските институции во однос на прашањето кое во моментов ни е пречка и дали ќе се успее некаков чекор напред кон нашата европска интеграција“ заклучува Васко Наумовски – Универзитетски професор, поранешен амбасадор.
Десницата во Европскиот парламент веројатно ќе ја сочинува најбројната група политички партии, смета и Филип Шулмајстер, директорот за кампања на Европски парламент, во врска со претстојните избори што ќе се случуваат од 6 до 9 јуни. Сепак, не може да се предвиди победа, меѓу другото, и заради тоа што не постои обединетост во позициите на сите десни и екстремно десни партии.
Од друга страна, извори од Директоратот за проширување при Европоската комисија, велат дека не постои план Б, ниту пократок пат, за почнување на преговорите со Македонија, освен спроведување на уставните измени за внесување на бугарското малцинство – дел од преговарачката рамка која ја прифати власта на СДСМ-ДУИ и покрај силното противење на народот.