Вархеји оптимист: Можност за членство на Македонија во ЕУ до 2030 година, Борел ни порача да ги спроведеме реформите

Посериозни заложби за борба против корупција, владеење на правото, сузбивање на криминалот, но што поскоро Уставни измени. Македонија се обврза на многу работи и мора да ги исполни ако сака да го живее европскиот сон. Од реториката на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот Оливер Вархеји е повеќе од јасно дека Европската Унија нема да не штеди и ќе очекува да испорачаме резултати. За тоа, според Борел, мора да одиме нанапред и како држава и како општество. Уште еднаш не потсети каде Владата треба најмногу да се насочи.

„Македонија дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа измената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права, и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет. Истовремено ќе напредне процесот на пристапување. Вие не си го загрозувате вашиот идентитет со пристапувањето кон ЕУ, вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван“ изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносни прашања и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел во Скопје.

Еврокомесарот Оливер Вархеји е оптимист дека до 2030 година земјава може да стане членка на Европската Унија, но мора да ги забрзаме реформите и да ги подобриме односите со соедите. За реформите да бидат успешни, според него, неопходна е соработката меѓу Владата и Собранието.

Како прво секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ, рече Вархеји.

По состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација премиерот Ковачевски оцени дека претставниците на ЕУ го поздравиле фокусот кон реформите и усвојувањето на законодавството.

„Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и членство во Европската Унија. Имаме уверување од Европската унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Македонија“, соопшти премиерот Ковачевски.

Ова е 16ти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација а прв кој се одржува во Скопје. Беа присутни претставници на земји членки на ЕУ, првиот дипломат Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

На 9 април се навршуваат 22 години од потпишувањето на Спогодбата меѓу Македонија и ЕУ во Луксембург. Договорот стапи на сила три години подоцна, во 2004 година и е постојната правна рамка која ги регулира односите меѓу Македонија и Европската унија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста