Конзерватори од Солун и Битола заеднички работат на заштита на манастирот во Курбиново

Во срцето на Баба планина и со поглед на бистрите води на Преспанското езеро сместен е најзначајниот храм од времето на византиска Македонија – Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново. Живописните фрески кои речиси 1000 години го красат овој храм , наскоро ќе добијат нов сјај. Конзерватори од Солун и Битола заеднички активно работат на студија за заштита на надворешниот и внатрешниот дел на црквата, а со тоа и спас за фреските. Она што не беше случај досега, по потпишувањето на Преспанскиот договор, стручни лица од Грција ја зголемуваат соработката со македонските колеги и со најсовремена опрема се вклучуваат во истражувања за степенот на оштетување на фреските во Курбиново.  Македонскиот тим на конзерватори во комуникација со екпертите од Солун веќе земаат примероци од боите и се прават фотографии со специјализирани камери за да се утврди состојбата на фрескоживописот.

Тимот конзерватори од Музејот во Битола кои ја пречекаа екипата на Алфа во Курбиново, велат дека целта на  овој македонско-грчки проект е да се комплетира документацијата за автентичното ретко сликарство и идентификација на сите зафати низ вековите, нивната состојба и предложените зафати за спас на црквата.

Црквата е изградена во 1191година (XII век), што се гледа од натписот над олтарот за време на владеењето на Исак II Ангел.Градбата е долга 17 метри и широка 7 метри. Со ова таа е најголемата еднокорабна црква во Македонија. Црквата Св. Ѓорѓи своето место во ризницата на светските вредности го обезбедува со сочуваниот фрескоживопис од дванаесеттиот век кој е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона. А храмот во Курбиново ја носи и безвременската приказна за сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил или „Ангелот од Курбиново“ кој се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари.

Денеска храмот Св. Ѓорѓи е споменик на културата заштитен со закон.

Ивана Соколовиќ Најдова