„Златно славејче„, „Скопски фестивал„… Не изгоре само салата, изгоре еден значаен симбол на Македонија

„Златно славејче„, „Скопски фестивал„… Не изгоре само салата, изгоре еден значаен симбол на Македонија

Ја закопаа пред 7 години, а сега ја кремираа. Изгоре култната скопска, но и македонска универзална сала. Симболот на човекова солидарност, донација за пост-земјотресно Скопје, во која учествувале 35 странски држави. Надеж дека македонската престолнина повторно ќе блесне во полн сјај, но и симбол за хуманост.

Дом на безвремениот детски фестивал „Златно славејче“, на познатиот „Скопје фест“, многу други фестивали и манифестации, како и место каде се создадоа безброј македонски современи музичари и уметници, кои се калеја на нејзиниот подиум.

„Златно славејче“ не ги дочека ниту првото, ниту второто ветување на претходниот градоначалник Шилегов, дека повторно ќе настапуваат во скопската сала.

Напротив, универзална беше причина за конфликт помеѓу министерката за култура и градоначалничката на Скопје, уште во првите денови по промената на локалната власт. Нејзината реконструкција беше жртва на инаетот на политичарите до самиот крај.

Идејата да се реконструира се роди уште пред 2014, кога беше предвидено универзална сала да стане барокна, како дел од проектот „Скопје 2014“. Но, како и многу други зафати и идејни решенија кои беа отпочнати тогаш, по промената на власта во 2017, замреа. Новата идеја беше таа да стане футуристичка, во форма на јајце, но, Скопјани го отфлрија овој план. Па градските власти решија таа да го заддржи веќе познатиот изглед, но, обновена и реконстурирана. Салата беше во центарот на политичкото внимание, што направи таа да се најде и во предизборните ветувања на СДСМ.

Како на Шилегов, така и на Ковачевски, идеите и плановите не им вродија со плод. По 6 децении постоење, таа стана симбол за способноста, односно неспособноста на политичките елити. Сега останува на времето да покаже, дали Универзална сала повотрно ќе се крене од пепелта или на нејзина локација ќе никнат нови бетонски чудовишта.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста