Жељасков во Скопје: Се поклони пред гробот Делчев, на Џафери му порача дека мора да ги прифатиме бугарските уцени, не сакаше да одговара на новинарски прашања

Жељасков во Скопје: Се поклони пред гробот Делчев, на Џафери му порача дека мора да ги прифатиме бугарските уцени, не сакаше да одговара на новинарски прашања

Со големо полициско обезбедување претседателот на бугарското Собрание Росен Жељасков дојде во Скопје, се фотографираше пред гробот на Гоце Делчев, на својот колега Талат Џафери му порача дека без прифаќање на бугарските услови, не можеме да се надеваме на напредок кон ЕУ. За новинарски прашања, Жељасков не беше расположен ниту пред Свети Спас. Неговото обезбедување побара од медиумите да не му се приближуваат при излегувањето од црквата, а прашања не сакаше да слуша ниту во македонското Собрание.

-(Господине Жељасков може едно прашање?) Не, кратко порача Жељасков.

Од Собранието во својот говор порача дека ќе мора да поработиме многу повеќе за правата на Бугарите во Македонија, а дека уставните измени се само дел од тоа. Тие станале главен бугарски услов, откако лани и двете држави го прифатиле францускиот предлог.

-Забележавме дека довербата која што треба да ја градиме треба да се спротиставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефективното почитување на правата на буграското население. Промената на Уставот е дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека Македонија нема друга алтернатива освен европската, изјави Жељасков.

За уставните измени говорел и самиот Џафери, го информирал својот бугарски колега дека активно се работело на истите во обидите да се дојде до двотретинско мнозинство во законодавниот дом.

-Го информирав претседателот Жељасков дека во тек е завршувањето на фазата на скрининг на нашето законодавство, а во процес сме и за промена на Уставот, за што ни е потребно обезбедување на двотретинско мнозинство. Во однос на билатералните односи, се согласивме дека мора да се промовира позитивна реторика, која може да допринесе за градење на меѓусебна доверба, изјави Џафери. 

Жељасков испрати и порака до медиумите, да не користеле говор на омраза што можел да предизвика тензии во општеството. Изрази надеж дека наредниот пат кога ќе дојде во Македонија, Уставот веќе ќе бил променет, со што Македонија конечно ќе можела да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста