„За нас трошките, за функционерите европски плати“ – пензионерите незадоволни од покачените пензии
„Со овие пари може да купиме само еден килограм овчо сирење и ништо повеќе„- вака дел од пензионерите кои денеска чекаа пред банкоматите го коментираат покачувањето од 5,3% кое го добија со мартовската пензија. Разочарани се, бидејќи најниските пензии се зголемија само од 600 до 800 денари. Велат,воопшто не е доволно, ако се земат во предвид цените на храната и давачките кои постојано растат.
„700денари ми е покачувањето. Воопшто не е доволно, за денешни услови тоа е ништо. Со тие пари можам да си купам само 1килограм сирење, ништо повеќе. Не сум израчунал колку ми е покачувањето, но нема повеќе од 1000денари. И тие 1500денари што требаше да ги дадат ги нема уште на сметка„ коментираат пензионерите. .
Околу 40% пензионери во државата земат минимална пензија од 12.500 до 16.000денари. Овие пари ниту одалеку не ги задоволуват потребите за достоинствен живот на граѓаните од третата доба. Револтот им е уште поголем откако функционерите драстично си ги зголемија своите плати.
„На нас ги дават трошките. Нивните плати си ги качија за 80%, а нашите пензии 5%. Речиси сите пари ми одат за комуналии, лекарства и што ќе остане за јадење. Под 22.000 не смее да биде пензијата. Најмногу пари ми одат за лекарства. Ништо не ми останува. Земам минимална пензија„ велат анкетираните пензионери.
Пензионерите на кои инфлацијата одамна им го изеде мартовското покачување не запираат со протестите, а не се откажуваат и од барањата 5.000 денари линеарно зголемување и 20.000денари минимална пензија. Инаку во државата пензија од 20.000 до 32.000денари земаат само 27,60 % од пензионерите.
Александра Ристевска