Таинствени владини седници: Што воопшто работи Талат Џафери?!

Таинствени владини седници: Што воопшто работи Талат Џафери?!

Колку нови вработувања има во Владата на Талат Џафери? Какви одлуки на 11-те владини седници донеле на Илинденска откако ДУИ го презеде премиерското место? Што работи владиниот кабинет на техничкиот премиер? Одговори на овие прашања јавноста не може да добие, бидејќи од 11 одржани владини седници, извештаи има само од три, првата, петтата и осмата.

Токму на првата седница со која претседаваше Џафери на 30-ти јануари една од одлуките кои биле донесени е да му се обезбеди службено возило на неговиот претходник и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Информација за потреба од донесување на одлука за остварување на правото на користење на службено возило на претседателот на Владата на Република Северна Македонија на кој му престанала функцијата–Димитар Ковачевски, со Предлог–одлука, пишува во одлуката на Владата.

Од она што можеме да го видиме од одлуките на Владата е и таа за в.д. директор на Просветниот инспекторат да биде поставен Халид Фератов, за кој од Независниот синдикат на државниот просветен инспекторат обвинија дека е поставен спротивно на правилата, без да ги има потребните пет години работно искуство во воспитание и образование. Тој претходно девет години работел во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор и две години во службата за заеднички и општи на Владата.

-Владата го именува Халид Фератов за вршител на должноста директор на Државниот просветен инспекторат, орган во состав на Министерството за информатичко општество и администрација, пишува во одлуката на Владата.

На осмата и трета седница со јавно достапни информации, донесена е одлуката во Собрание по брза постапка да се испрати предлог законот за Митилинеос.

-Пречистениот текст на Предлогот на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект Митилинеос когенеративна постројка-Скопје, по скратена постапка да се достави до Собранието, согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, пишува во одлуката на Владата.

Делот од точките кои биле на дневен ред на седниците за кои нема јавно достапни извештаи се и кадровските решенија, односно вработувањата во Владата на Талат Џафери, па така нема одговор дали и колку нови лица се вработени во неговиот кабинет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста