Судир на две групи што продаваат дрога и телефони во Идризово е причината за вчерашниот инцидент

Судир на две групи што продаваат дрога и телефони во Идризово е причината за вчерашниот инцидент

Кој внесува оружје и дрога во Идризово, а кој продава внатре?

Дрога, телефони, ножеви, таблети, па дури и тунел за сценарио на филмот „Бегство од Шошенк“, затворот Идризово тоне во корупција и покрај честите полициски рации, како вчерашната. Многубројните полициски претсреси со судски наредби резултираат со пријави против затвореници, а кој нив им ја внесува дрогата и телефоните е енигма стара децении.

Осуденик кој инстистираше на анонимност за Алфа вели причина за вчерашниот инцидент е војна меѓу две конкурентски групи кои продаваат телефони и наркотици. Тој појаснува дека самите вработени во затворот пријавуваат, за како што вели да си направат простор за нов пазар.

Ова се случи бидејќи во тоа крило има две групи се занимаваат со продажба на телефони и наркотици и се имааат замерено. Едната група е поддржана од заповедникот и неговата дружина, а другата група е поддржана само од неколку командири. На едните им се дозволува многу повеќе да го шират бизнисот, за разлика од другите. Од тука почнува проблемот. Намерно пријавуваат за да соберат се и после истите нудат и продаваат буквално што ти душа сака само ако имаш пари да си платиш, сведочи осуденик за Алфа.

Раководството на Идризово за утре најавува информации за состојбата на повредените затвореници кои дадоа отпор при претресот. Во однос на исходот од честите полициски рации кои резултираат со кривични постапки само за затвореници, а никогаш за вработени, заменик директорот Феми Јонузи не сакаше да коментира.

Во меѓувреме од обвинителство за Алфа потврдуваат дека и Одделението за организиран криминал веќе има отворени постапки за вработени во затворот, но во интерес на истрагата не откриваат детали.

Вчерашниот отпор на затворениците при рацијата резултираше со 10 повредени полицијаци и над 50 повредени затвореници. Кога полицијата почнала да го прави претресот во полуотвореното одделение на затворот, се собрала група од 60-тина затвореници кои се спротивставиле и така настанала тепачката.

Пролетта оваа година, затворската полиција според официјални информации случајно пронајде тунел долг 60 метри кој води зад жиците на дворот од Идризово. Недостасувале само уште неколку метри за да може затворениците да се дадат во бегство. Надлежните излегоа на терен, проверуваа и собираа докази, но до денеска официјално не се знае кој копал и со чија дозвола се планирало филмско бегство.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста