Случајот Вања крие многу прашалници: Многу слабости во истрагата и нелогичности во аргументите на ОЈО и МВР

Случајот Вања крие многу прашалници: Многу слабости во истрагата и нелогичности во аргументите на ОЈО и МВР

Истрагата на полицијата е нецелосна и со многу неодговорени прашања. Не може да се тврди дека убиството на младата Вања било од користољубие, кога воопшто нема ниту изнуда на пари, што би била основата за ваква класификација на делото, сметаат познавачите. Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски за Алфа вели воопшто и во предистрага не може да се квалификува некое дело, а дека убиството на Вања наликува на свирепо, а не од користољубие. 

-Не можеме ние да претпоставуваме настапила, односно да излегуваме да тврдиме настапила тогаш и тогаш. Не, судска медицина ќе каже кога настапила смртта и затоа ова кривично дело може ќе излезе дека е кривично дело на свиреп и подмолен начин, затоа квалификацијата ќе ја покаже истрагата, ние викаме во предистрага не можеме да дадеме законска квалификација, дали е тоа кривично дело сторено од користољубие, дали е тоа на свиреп и подмолен начин, дали е тоа општо убиство, дали е убиство на миг итн итн, изјави Ѓурчевски.

Поради сензитивноста на случајот, како и информациите кои се појавија дека таткото е еден од помагачите, а на другите тројца заедничко им е што се дел од партијата на Палевски, може да значи и проширување на овој случај. Според Ѓурчевски полицијата мора целосно да испита, дали е можно да има и други помагачи.

-Ние не ги знаеме неговите движења, неговите контакти, кој други помагачи, што други помагачи, што ако има и други лица инволвирани во тие лихварства, во тие должничко доверителски односи, во тие коцкарски долгови, во тие пороци кои што се познати, односно кои што веќе ги имаме во предвид за оваа група, и во сите оние нивни криминогени дејствија со ископ на злато, со ритуали, изјави Ѓурчевски.

Дека делото не може да се квалификува како убиство од користољубие, смета и универзитетската професорка по безбедност Фросина Ременски. Според неа вистинскиот предзнак треба да биде свирепост. Според нејзе не може убиството да има врска со користољубие, кога воопшто не ни биле побарани пари.

-Чија монструозност помеѓу овие монструми е поголема здрав разум тешко може да сфати, но во криминалистиката има градација и реконструкција која ги дава сите одговори. Во сите криминалистички истраги мора да има повеќе верзии/хипотези за настанот, па така и во оваа. За да може да се поврзе убиството во Велес од страна на истата група, една од можните верзии би била: “Дали фризерот го дознал/знаел планот за грабнувањето на детето заради изнуда и во него ја гледале опасноста за нивно откривање, па така станал жртва?” Тешко може да се поверува дека целта била колата, а мотивот – долг од 500 евра, порача Ременски.

Инаку според она што го соопшти МВР станувало збор за убиство од користољубие, бидејќи целта била изнуда на пари од мајката на Вања. Насоките за киднапирањето ги давал таткото на младото девојче, Александар Ѓорчевски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста