САД и 20 други земји учествуваат во операцијата за заштита на бродовите во меѓународните води од нападите на Хутите

САД и 20 други земји учествуваат во операцијата за заштита на бродовите во меѓународните води од нападите на Хутите

По низата милитантни напади на Хутите против комерцијални и воени бродови во Црвеното Море, САД како и повеќе од 20 други земји учествуваат во операцијата Просперитет Гардијан за заштита на бродовите што пловат во меѓународните води.

„Сè на се, овие бродови и авиони на САД и на коалицијата придонесуваат за импресивна воздушна и ракетна одбранбена способност, како и за силни разузнавачки, надзорни и извидувачки способности, а да не зборуваме за офанзивна и одбранбена воена моќ“, рече Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност во Белата куќа.

Американските власти велат дека неколку американски, британски и француски воени бродови патролираат во близина на комерцијални бродови во нестабилните водни патишта, при што се очекува Грција и Данска наскоро да испратат воени бродови таму за да обезбедат поголема заштита.

„Ова се нелегални, опасни напади. Од 18 ноември досега имало 25 напади врз трговски бродови кои транзитирале низ јужниот дел на Црвеното Море и Аденскиот Залив“ рече Генерал-мајор Пат Рајдер, секретар за печат на Пентагон.

САД и другите земји ги предупредија Хутите дека ќе се соочат со воен одговор доколку нападите не престанат.

„САД не бараат конфликт со која било земја или актер на Блискиот Исток, ниту пак сакаме да видиме проширување на војната меѓу Израел и Хамас во регионот. Но, ниту ние, пак, нема да отстапиме од задачата да се браниме себеси, нашите интереси, нашите партнери или слободниот проток на меѓународната трговија“, додаде Кирби.

Нападите најверојатно ќе продолжат, а лидерот на јеменските Хути предупреди дека секој американски брод што ќе ги таргетира милитантите ќе стане следната цел на Хутите.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста