Рамковни вработувања – праведно распоредување или трупање на администрацијата?

Дали етнички правичната застапеност е и праведно распоредување на кадри во државните институции? Разрешувањето на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски покрена лавина реакции во јавноста. Откако со години сите едвај чекаа рамковните вработени конечно да тргнат на работа и да си ја заслужат платата, сега кога голем дел од нив се „вдомени“ низ државните органи, се чини револтот кај граѓаните е уште поголем. Јавноста негодува бидејќи ретко кој верува дека деценискиот проблем е конечно решен. Многумина се на ставот дека „седењето дома“ само ќе се замени со најобично присуство и евидентирање на работното место, но не и реален ангажман за кој овие луѓе треба да добијат плата како и сите останати работници. Не е тајна дека владее незадоволство и кај  службениците кои чесно си ја вршат работата, бидејќи ваквите вработувања паѓаат на нивен грб, односно едни седат,а други работат за двајца. Крајниот епилог е гломазна администрација, долги редици и лоши услуги за граѓаните.

Засега, Пауновски е единствениот директор кој јавно се побуни против обврската да „вдоми“ 35 рамковни кадри. Тој тврдеше дека од нив услови исполнувале едвај третина и дека наместо отворање на нови позиции во западна Македонија, поголема била потребата за инспектори во источниот дел од земјата. За неговиот пркос кон власта беше експресно разрешен. Вицепремиерот Љупчо Николовски тврди дека Пауновски бил тргнат од позицијата како и многу други, поради кршење на законот и етичкиот кодекс. Нов директор требало да биде избран во наредните неколку дена.

  • „Прекршен е членот 4 и членот 6 и Кодексот не може да важи за еден а за друг да не важи. Како што во 20-тина други случаи е постапено од наша страна се костатирани прекршувања на Кодесот. Во следните неколку денови секако дека ќе се назначи в.д директор за да може особено сега во овој период кога се очекува олабавување на мерките во делот на пандемијата да функционира непречено Државниот пазарен инспекторат“, рече Љупчо Николовски- Вицепремиер за борба против корупција.

Сега веќе разрешениот Пауновски, пак им се заблагодари на вработените во Државниот пазарен инспекторат за поддршката. Им посака на негово место, да дојде подобар директор кој ќе продолжи по неговите стапки.

„ Огромна благодарност до сите граѓани кои во мојот “пркос” ги согледаа моите искрени намери и желба за силна, стручна и независна Европска институција. Патот на одбрана на интегритетот и професионалноста на институцијата со која раководев, за жал, не наидоа на разбирање од премиерот“-напиша Пауновски на Фејсбук.

Инаку, од 1.350 рамковни кадри, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ. Преобемната и партизирана администрација со години е мета на критики во сите извештаи на меѓународните институции.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста